Научниците ја открија тајната на градење на египетските пирамиди

Група научници од Францускиот институт за источна археологија во Каиро и од Ливерпулскиот универзитет во Англија откриле уред со кој древните Египќани веројатно ги граделе пирамидите, се наведува во написот објавен во списанието Science Alert.

Во еден од каменоломите во Хатнуб, северно од современиот град Луксор, каде што Египќаните ваделе алабастер, археолозите нашле траги од скеле-рампа чијашто старост се проценува на околу 4.500 години, преку која веројатно биле преместувани големите камења од каменоломот до градилиштето.

Во средишниот дел на оваа структура имало накосена платформа, од двете страни имало скалила и отвори. Во отворите можело да бидат ставани дрвени столбови, околу кои се завиткувале јажиња. Повеќетонските блокови биле фиксирани на своевидни дрвени „санки“, а потоа градителите ги влечеле јажињата и ги преместувале блоковите по површината под агол од 20 степени.

И, иако сè уште е мистерија за тоа како тешките варовнички блокови од кои се градени пирамидите, биле транспортирани на страните на пирамидите, системот од рампи може да содржи некои важни индиции. Научниците и претходо препоставуваа дека древните Египќани користеле слични структури, но првпат откриваат таков систем.

Покрај оваа структура, археолозите откриле и повеќе од стотина натписи во кои се споменуваат посетите на фараоните на каменоломите во Хатнуб, како и камените живеалишта на работниците.

Египетсктие пирамиди се едни од најстарите зачувани камени зданија на планетава. Повеќето од нив се подигнати како импозантни гробници за фараоните. Најпознатите пирамиди се наоѓаат на периферијата на Каиро, во Гиза. Најголемата пирамида, пак, е Кеопсовата, кое е единственото преостаното од седумте светски чуда на античкиот свет.