Наумоски: Промените се нормални во секоја федерација

По последните случувања во Македонската кошаркарска федерација и оставката на генералниот секретар Дејан Јовановски по само две недели од неговото назначување на оваа функција, со свој став околу целокупната ситуација се огласи и првиот човек на МКФ, Петар Наумоски кој нагласува дека при промена на највисоките органи во една федерација нормално е да има промени и на одредени раководсни функции, а сите заминувања од федерацијата изминатиов период на спомнатите лица се од лична природа.

Реакцијата од претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски ви ја пренесуваме во целост:

Во врска наводите во медиумите дека во раководството на Македонската кошаркарска федерација дошло до недоразбирање па поради тоа Директорот на репрезентациите Илчо Мерџановски и Генералниот секретар Дејан Јовановски ја напуштиле Федерацијата, а Претседателот Петар Наумоски останал сам, се огласи првиот човек на македонската кошарка со свое соопштение.

Нормално е при промена на највисоките органи на Федерацијата да дојде и до промена на одредени раководни позиции во неа. Тоа не значи дека има конфликти и дека федерацијата не функционира. Директорот на репрезентациите Илчо Мерџановски е разрешен од оваа функција, но се уште е активен во федерацијата, односно во исполнување на обврските кон федерацијата и обврските на федерацијата кон трети субјекти. Оваа одлука е донесена взаемно, а во најкус рок ќе бидат именувани заменици за оваа позиција. Дали тоа ќе биде едно лице за сите репрезентации или ќе бидат повеќе лица за различни нивоа на репрезентации, ќе биде одлучено на седница на Управниот Одбор. Веќе е ангажирана поранешната македонска репрезентативка, Моника Гаврилоска.

По однос на неодамна ново именуваниот генерален секретар Дејан Јовановски и неговата оставка, изјавуваме дека истата е дадена лично по негово барање и од негови лични причини, бидејќи не можел во потполност да ги исполни бараните обврски поради други лични ангажмани и истиот се враќа на работното место каде беше и пред именување за Генерален секретар на МКФ. И за ова место Управниот Одбор во најкус можен рок ќе именува ново лице кое ќе ја превземе функцијата.

По однос на заминувањето на доскорешниот Генерален секретар Дејан Лекиќ, наведуваме дека тој беше разрешен од функцијата Генерален секретар, но остана само како вработен. Увидувајќи дека не може да се вклопи во новиот начин на раководење, самиот одлучи да ја напушти федерацијата. Ова е апсолутно негово лично право и одлука и истата нема посебно да влијае на работата на Федерацијата.

Уште еднаш напоменуваме дека вакви промени се очекувани и нормални по промена на Претседател и Управен Одбор на една федерација и дека органите на федерацијата функционираат нормално и дека наскоро ќе бидат пополнети сите позиции во федерацијата.

Ги молиме сите медиуми да се воздражат од вакви коментари и шпекулации, особено во периодот кога не очекува настап на Европското Првнество и да и дадеме можност на репрезентацијата во мир и без непотребни тензии да се подготви за ова натпреварување и да не престави во вистинско светло.

Со почит,

Петар Наумоски

Претседател на МКФ