16.8 C
Skopje
среда, јули 3, 2024

Наумовски: Стејт департментот ѝ порача на Владата наместо најави да презема конкретни мерки против корупцијата

Остри реакции следат од стручната кругови во Македонија по катастрофалниот извештај на американскиот Стејт депатментот со кој несомнено се потврдува дека во земјава владее корупцијата, а за универзитетскиот професор и поранешена амбасадор во САД, Васко Наумовски, загрижувачки е тоа што во извештајот се наведува дека и американските компании кои што се присутни на македонскиот пазар ги нотирале корупцијата и лошите услови за работа.

„Сивте овие извештаи на американската администрација во суштина ги бележат недостатоците во однос на инвестициската клима, во конкретниот случај. На овој начин се испраќа порака дека САД се сериозно загрижени за растечката корупција во државата којашто штети не само на привлекувањето на странски инвестиции, туку и на севкупниот напредок на државата“, вели професорот Наумовски.

Владата уште вчера се правдаше дека посветено работи во борбата против корупцијата, но професорот е дециден дека едно е кога се зборува, а сосема друго е кога се работи во пракса. Вели дека недостатоците, како што е корупцијата, се дел од забалешките и на Европската комисија, што значи дека Владата ќе мора искрено да се посвети на ова поле доколку сака да демонстрира конкретни резултати.

„Секогаш е потребно декларативните најави да се реализираат и во стварноста. Едно е кога само се зборува за борба против корупција, а сосема е друго кога ќе се демонстрираат конкретни резултати. Извештајот на САД во суштина кажува дека недостигаат резултати. Од декларативните најави за борба против корупцијата нема да имаме никаква корист ниту ние како граѓани, ниту компаниите кои сакаат да инвестираат овде“, додава Наумовски.

Американскиот Стејт департмент во саботата објави загрижувачки извештај поврзан со бизнис климата во Македонија. Во него, корупцијата и непотизмот како главни проблеми со кои се соочуваат инвеститорите во земјава беа споменати во повеќе наврати. Во Извештајот се потенцираа и други аномалии како злоупотреба на скратени постапки, конфликт на интереси при јавните набавки, селективно правосудство, поткуп и корупција на јавните функционери…