Навални пак приведен во Москва

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил уапсен во Москва, соопшти неговата портпаролка Кира Јармиш.

Таа рече дека Навални бил приведен вчера попладне пред неговиот дом во Москва и однесен во блиската полициска станица.

Според неа, сè уште не е позната причината за апсењето. Агенцијата АП објави дека московската полиција не била достапна за коментар.

Навални, најпознатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, во почетокот на септември ги повика граѓаните на Русија на протести низ целата земја поради планот на руската влада да ја подигне старосната граница за пензионирање за мажите и за жените.

Во март и јуни минатата година, тој организираше големи демонстрации во неколку руски града, каде што беа уапсени илјадници луѓе. Алексеј Навални е основач на Фондот за борба против корупцијата.