Цените на нафтата паднаа под 75 долари на меѓународните пазари во вторникот по медиумската информација дека конфронтираните страни во Либија наскоро би можеле да го разрешат спорот околу централната банка што го запре производството и извозот на „црното злато“.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше пониска за 3,08 долари во однос на вчерашното затворање на трговскиот ден и изнесуваше 74,44 долари. Американскиот пазар беше затворен за празниците, а во електронската трговија со барелот се тргуваше по пониска цена од 2,55 долари од 71,00 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), одделно објави дека во понеделникот цената на барелot од референтната нафтена кошница на нејзините членки паднала за 1,72 долари, на 77,03 долари.
На крајот на минатата и на почетокот на оваа седмица, расположението на пазарот беше пригушено од индициите за намалена побарувачка во Кина и САД и планираното зголемување на понудата од членките OPEC и нивните сојузници. Осумчлената група членки на OPEC и нивните партнери независни големи производители предводени од Русија, познати како OPEC+ ќе го зголемат производството за 180.000 барели дневно од 1 октомври, како што беше одлучено на почетокот на летото, и покрај загриженоста за побарувачката, велат извори од индустријата.
Во вторникот вниманието на трговците беше привлечено од извештајот на Блумберг дека завојуваните страни во Либија наскоро би можеле да го решат спорот околу централната банка, што ќе и овозможи на либиската нафта да се врати на светските пазари.
Распродажбата на нафтените пазари беше поврзана според Џовани Стаунов од UBS со извештајот на Bloomberg во кој функционер на либиската централна банка и клучен играч во спорот даде „силни“ навестувања дека политичките партии се блиску до договор.
Извозот на либиска нафта преку главните нафтени пристаништа беше запрен во понеделникот, а производството беше намалено, изјавија шест инженери за Reuters, укажувајќи на судирот меѓу политичките партии околу контролата на централната банка и приходите од нафтата.
Либиската Национална нафтена корпорација (NOC) на 2 септември прогласи „виша сила“ на нафтеното поле Ел Фел. Вкупнoто производство падна во рок од два дена од речиси 959.000 барели дневно на 591.000 барели дневно на 28 август, соопшти NOC. Неодамна на 20 јули, Либија произведуваше 1,28 милиони барели дневно, истакна компанијата.
„Останува да се види до каде треба да паднат цените на нафтата за да реагира ОПЕК + бидејќи на повеќето членки на картелот им се потребни повисоки цени отколку што се денес за да се доближат до балансирање на нивните буџети“, рече аналитичарот на „Panmurа Liberum“, Ешли Келти.