
Групата најзаграени навивачи на Сараево, кои себеси се нарекуваат „Орди на злото“, го прекина во понеделникот претпладнето тренингот на екипата и физички ги нападнаа фудбалерите, меѓу кои и долгогодишниот капитен и македонски репрезентативец Крсте Велкоски.
Во вистинската драма која се одвивала во тренинг кампт „Бутмир“ крај Сараево, најлошо минале фудбалерите Душан Хоџиќ и Дени Јуриќ кои биле брутално нападнати со шлаканици.
Се очекува официјална изјава од челниците на фудбалскиот клуб Сараево, а според достапните информации интервенирала и полицијата која спречила потежок инцидент.
Неофицијално, навивачите на Сараево се огорчени и гневни поради тоа што нивните миленици загубија дури 13 бодови предност во однос на бањалучки Борац кој во неелата по победата на гости на Тузла Сити, на коло пред крај на првенството, ја освоија титулата во БиХ по цели десет години.
Според информациите на сараевските медиуми, неколку играчи на Сараево по тешкиот инцидент заземале став дека не треба да играат во финалето на Купот на БиХ кое е на распоредот во среда во Зеница, и тоа токму против новиот првак Борац од Бања Лука. Како што тврдат, потресени се оние што се случува околу клубот и се загрижени за својата безбедност.
Во меѓувреме ФК Сараево го осуди нападот врз своите фудбалери, а според информациите Велкоски последен го напуштил кампот, додека најнатепаниот Хоџиќ имал очигледни повреди и затворено око и веднаш заминал во болница.
„Денеска пред старт на тренингот група на млади лица упаднаа во тренинг-центарот Бутмир и ги нападнаа фудбалерите, но со брза реакција беше спречен уште потежок инцидент. Клубот најостро го осудува овој упад и ќе ги преземе сите правни и други чекори за да ги заштити своите фудбалери и другиот персонал“, објавија сараевчани.
Од тие што биле „поштедени“ од нападот, се голманот Владан Ковачевиќ, дефанзивците Амер Дуповац и Хрвоје Миличевиќ, како и Андреј Џокановиќ.