Навивачот ја држел шок бомбата во рака најмалку 10 секунди

Како шок бомбата се нашла во рацете на повредениот навивач дополнително ќе се истражува, но она што е сигурно, според видео материјалите кои ги поседува полицијата, шок бомбата во неговите раце е најмалку 10 секунди, пишува Курир.

На снимките кои ги поседува полицијата, а во врска со вчерашниот инцидент на натпреварот меѓу Вардар и Пелистер одигран во Битола е прикажано дека навивачот кој се здоби со тешки повреди, шок бомбата ја држи најпрво во десната, а потоа во левата рака, по што следува експлозијата.

Според снимениот материјал, бомбата во неговите раце се наоѓа најмалку 10 секунди, па оттаму практично е невозможно таа да била активирана од полициски службеник, ако се земе во предвид фактот дека од нејзината активација до детонацијата периодот е 3 секунди.

Снимениот материјал Министерството за внатрешни работи, според нашите информации, ќе го приложи до Јавното обвинителство.

Како шок бомбата се нашла во рацете на повредениот навивач дополнително ќе биде истражено. Како што соопшти денес МВР истрага ќе биде спроведена и од Секторот за внатрешна контрола и профсионални стандарди.