Навредувал новинари на Фејсбук, заработи условна казна

Денеска пристигна судска пресуда во корист на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за случајот каде што од профил на социјалната мрежа Фејсбук именуван како „Сашо Митев“ е напишан коментар под објава на Фејсбук страната на ЗНМ.

Според пресудата од Основниот кривичен суд, лицето Сашо Митев е виновно по член 394-г од Кривичниот законик и му се утврдува казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело.

Тој на Фејсбук страната на ЗНМ на 28.07.2021 година, напишал вулгарен коментар со омраза.

„На 16 август годинава за овој коментар поднесовме пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат па компјутерски систем и за предизвикување на омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Во барањето за кривично постапување од ЗНМ се аргументира фактот дека ваквите коментари претставуваат кривично дело, но и дополнително се укажува дека преку евентуалната неказнивост на истите се отвора простор и поттик за дополнителна омраза кон новинарите што може да резултира и со насилство“, се вели во соопштението на ЗНМ.