Челниците на земјите-членки на ЕУ ќе се соберат во четврток и петок на самитот во Брисел, каде главни теми ќе бидат распределбата на водечките позиции во европските институции, стратешката агенда за следните пет години и војните во Украина и на Блискиот исток.
Лидерите на земјите-членки треба да назначат кандидат за претседател на Европската комисија и висок претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика со квалификувано мнозинство. Бидејќи се работи за пакет, треба да се договорат за името на идниот претседател на Европскиот совет, што е исклучиво одговорност на неговите членови, односно шефовите на држави или влади на земјите-членки и претседателот на Европскиот парламент, што е работа на европските пратеници.
Преговарачите на трите проевропски политички групи, Европската народна партија (EPP), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (S&D) и либералите (Renew) во вторникот постигнаа договор Урсула фон дер Лајен да добие втор мандат на чело на Европската комисија, за претседател на Европскиот совет беше договорено да биде поранешниот португалски премиер, социјалистот Антонио Кошта, за висок претставник за надворешна и безбедносна политика – естонската премиерка Каја Калас, додека во следните две ипо години, претседател на парламентот треба да продолжи да биде Малтежанката Роберта Мецола од EPP.
Договорот беше постигнат во вторникот преку видео-конференција од шест преговарачи на трите страни – полскиот и грчкиот премиер Доналд Туск и Киријакос Мицотакис за EPP, германскиот канцелар Олаф Шолц и шпанскиот премиер Педро Санхез за S&D и францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиеро на заминување и иден челник на НАТО, Марк Руте за либералите.
И додека назначувањето на челникот на Европската комисија во Европскиот совет е сосема сигурно по овој договор, нешто помалку е сигурно дека ова назначување ќе добие апсолутно мнозинство од 361 глас во Европскиот парламент, иако овие партии имаат мнозинство од 399 пратеници. Имено, пратенциите во Европскиот парламент не гласаат секогаш онака како што гласаат мнозинството во нивните пратенички групи, а сѐ уште е неизвесно дали и овојпат нема да гласаат за Фон дер Лајен.
Челниците на ЕУ треба да усвојат и стратешка програма која ги дефинира насоките за активностите на ЕУ во следните пет години, во текот на кои таа ќе треба да се соочи со бројни економски и геополитички предизвици. За разлика од именувањето на шефовите на европските институции, каде е потребно квалификувано мнозинство, потребен е консензус за стратешката агенда, а прашање е како да се позиционира италијанската премиерка Џорџа Мелони, чија политичка групаците е трета по сила во Европскиот парламент, и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ги обвинува три проевропски партии дека нивниот договор за именувања не ги поддржува резултатите од европските избори.
Италијанската премиерка Мелони не го криеше гневот што беше исклучена од првата дискусија за назначувањето на работната вечера на лидерите на ЕУ на 17 јуни.
Кога станува збор за стратешката агенда, судејќи според нацртот, тој документ е прилично општ и нејасен, од кој е тешко да се заклучи дека ЕУ има намера да финансира огромни инвестиции во зелената и дигиталната транзиција, да ја зајакне европската одбранбена индустрија, да обезбеди конкурентноста на економијата, какви внатрешни реформи ќе треба да се спроведат Унијата да може да се прошири и да прими нови членки.
На пример, кога станува збор за Повеќегодишната финансиска рамка (MFR) за следниот седумгодишен период од 2027 до 2034 година, за која ќе почне да се дискутира веќе следната година, таа само вели дека MFR „треба да ги одразува приоритетите на ЕУ и да се осигура дека буџетот е погоден за иднината и да обезбеди европски одговори на европските предизвици“. Во ЕУ долго време се расправа дали да го зголеми европскиот буџет кој изнесува само 1 процент од бруто националниот приход на ЕУ и како да го финансира во иднина.
„Во тој поглед, ќе работиме на воведување нови сопствени буџетски приходи“, се вели во нацрт-документот од кои делови во средата објавија повеќе европски медиуми.
Самитот ќе започне во четврток рано попладне со средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија земја официјално ги отвори пристапните преговори во вторник.
На самитот, лидерите треба да го поздрават усвојувањето на преговарачките рамки за Украина и Молдавија, кои овозможија отворање на преговорите со двете земји, како и заедничките позиции за поглавјата за правдата и основните права за Црна Гора, кои треба да ѝ овозможат забрзување до преговорите.
Во писмото за покана за самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, наведува дека ЕУ и нејзините партнери ќе обезбедат дополнителен поволен заем за Украина во износ од 50 милијарди евра, веројатно со пренасочувањето на приходите од каматите од замрзнатите средства на Русија во ЕУ.
„Неопходно е да ја зголемиме нашата воена поддршка за Украина, да се фокусираме на противвоздушната одбрана, муницијата и ракетите“, рече Мишел.
Челниците на ЕУ ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот исток. Се очекува тој да повика на почитување на меѓународното хуманитарно право, да повика на имплементација на предлогот за прекин на огнот содржан во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, да го повтори повикот за прекин на огнот во Газа, да ги ослободи сите заложници што ги држи Хамас, и да побараат зголемување на хуманитарната помош.