Сосема неочекувано кошаркарите на Бостон Селтикс ја прекинаа победничката низа на Кливленд Кавалирс со победата од 111:108 во третиот меч во серијата до четири победи од финалето во Источната конференција на НБА лигата, до којашто стасаа со „тројката“ на Ејвери Бредли во последната секунда од дуелот, со што ја намалија предноста на шампионот на 1-2 по двата воведни пораза на домашен терен.
Кога центарот на Кливленд, Тристан Tомпсон погоди за водство на Кавалирс од 21 поен разликa (77:56) на 6,39 минути до крајот на третата четвртина, се чинеше дека актуелните НБА шампиони одат кон уште една уверлива победа против ослабените Бостон Селтикс, кој до крајот на серијата ќе играат без најдобриот играч Ајзеа Томас, поради повредата на колкот. Но, гостите не се предаваа и носени од расположениот резервен разигрувач Маркус Смарт и со цврстата одбрана стасаа до големиот пресврт.
Смарт мечот го заврши со 27 поени, од кои 19 постигна во последните 18 минути од мечот, погодувајќи 7 „тројки“ од 10 обиди. Бостон до пресвртот стаса одигрувајќи одлична одбрана над Леброн Џејмс кој беше лимитиран на само 11 кошеви со вкупен шут од 4 од 13, а за „тројка“ 0 од 4, што за лидерот на Кливленд е најлошиот меч во годинешниот плеј-оф, во кој Кавалирс остварија десет последователни победи и беа без ниеден пораз.
Покрај тоа, гостите во второто полувреме го запреа и надворешниот шут на домашните, кои во првите 24 минути постигнаа 14 „тројки“, а на крајот од натпреварот имаа 16 погодени удари за три поена.
Бостон до првото водство на мечот, по почетните 2:0 и 5:3 дојде во 44 минута со кошот на Кели Олиник за 99:98. Потоа со кошот на Ал Хорфорд Селтикс 54 секудни до крајот поведоа со 106:103, но со „тројка“ одговори Џ.Р. Смит. На 30 секунди до крајот Швеѓанецот Јонас Јеребко погоди за два поена за водство на гостите од 108:106, а десет секунди пред крајот со полагање изедначи Кајри Ирвинг.
Во последниот напад Бостон ја уфрли топката за Маркус Смарт кој дотогаш имаше погодено седум „тројки“, но не се одлучи да го реши мечот, туку го сочека договореното ослободување на Ејвери Бредли. Овој остана сам зад линијата за „тројка“, шутираше, топката го погоди предниот дел од обрачот, удри во таблата и на крајот со многу среќа сепак мина низ мрежичката за конечните 111:110.
Бредли заврши со 20 кошеви со 3 „тројки“ од 8 обиди. Центарот Ал Хорфорд додаде 16 кошеви со шест асистенции, а Кели Олиник, како играч од клупата, придонесе со 15 поени. Џаи Кроудер уфрли 14 поени и имаше 11 скокови.
Кајри Ирвинг имаше 29 кошеви и 7 асистенции како најдобар играч на Кливленд. Во првото полувреме беше одличен и Кевин Лав кој дотогаш даде 22 поени од вкупно своите 28 кошеви, но само шест во продолжение. Тристан Томпсон дуелот го заврши со 18 поени и 13 скокови.
Четвртиот меч во серијата е на распоред ноќта кон среда, во 2,30 часот по полноќ, кога Кливленд пред своите навивачи ќе има можност да го поправи впечатокот.
Ноќва, во 3 часот по полноќ, Сан Антонио во својот „AT&T Center“ ќе се обиде да го избнегне „чистењето“ во дуелот со Голден Стејт кој води со 3-0 во серијата од финалето на Западната конференција.