НБА: Бостон поведе во серијата против Вашингтон (ВИДЕО)

Кошаркарите на Бостон Селтикс поведоа со 3-2 во серијата до четири победи против Вашингтон Визардс во полуфиналето од плеј-офот од Истoчната конференција на НБА лигата и се на чекор до конферециското финале со актуелниот шампион Кливленд Кавалирс.

Во петтиот дуел Бостон славеше со 123:101, но за разлика од претходните натпревари од оваа серија во кои Вашингтон подобро влегуваше во мечот, во синоќешниот Селтикс ја преземаа контролата на резултатот од самиот почеток. Веќе по првите 12 минути имаа двоцифрена предност од 33:21, а на полувремето водеа со 16 кошеви (67:51), додека во второто полувреме нивната предност постојано се зголемуваше и достигна до најголемите 26 поени.

Брилјираше Ејвори Бредли кој го оствари најдобриот ефект во кариерата во плеј-офот со 29 поени со одличен шут од игра 12 од 19, Ал Хорфорд одигра корисно со 19 кошеви, 7 асистенции и 6 скокови, додека Ајзеа Томас додаде 18 поени и 9 асистенции за Селтикс. Кај Визардс најефикаен беше бековскиот тандем Џон Вол со 21 и Бредли Бил со 16 поени.

Шестиот дуел на овие противници ќе се игра во Вашингтон ноќта кон саботата, а доколку победат домашните, седмиот натпревар ќе се игра ноќта кон вторникот во Бостон.

Победникот од ова полуфинале за конференциската титула ќе игра против Кливлен Кавалирс кој уште доста порано со 4-0 го елиминираа Торонто Рапторс.