НБА доживотно го суспендираше Портер

Северноамериканската кошаркарска НБА лига доживотно го суспендираше играчот на Торонто Репторс, 24-годишниот Џонтај Портер поради давање доверливи информации на спортските обложувалници и обложување на натпреварите.

Истрагата на НБА покажа дека „Портер им открил доверливи информации на спортските обложувалници и ги ограничил своите минути во игра со цел да влијае на исходот на еден или повеќе облози за неговиот настап во најмалку еден натпревар на Репторс“, се вели во соопштението на НБА.

Лигата утврдила дека на 20-ти март Портер на обложувач му открил информации за неговата здравствена состојба, а потоа биле платени 80.000 долари дека Портер нема да го постигне понудениот број поени на тој натпревар. По само неколку минути поминати на теренот, Портер се пожали на повреда и не се врати повеќе во игра.

Облогот кој на исплатувачот требало да му донесе профит од 1,1 милион долари е замрзнат, а НБА потоа започна истрага.

Истрагата утврдила и дека Портер ставил најмалку 13 облози на НБА натпревари, а уплатите се движеле од 15 до 22.000 долари и му донеле добивка од 76.059 долари. Тој не се обложувал на сопствениот учинок, туку се обложувал на пораз на Репторс.

„Нема ништо поважно од заштитата на интегритетот на НБА, поради што Портер е казнет со најстрога казна“, изјави шефот на НБА, Адам Силвер.