НБА драфт: Францускиот феномен Вембањама очекувано е првиот пик

Очекувано, на годинешниот НБА драфт кој се одржа во Њујорк, Сан Антонио Спарс за прв пик го избра 19-годишното француско кошаркарско чудо, 223 сантиметри висок Виктор Вембањама, кој доаѓа во најдобрата лига во светот откако изненадувачки го доведе тимот Болоњ-Левалоа Метрополитенс 92 до финалето на француското првенство.

Вембањама е кошаркар со исклучителна висина, но и со одлична кошаркарска техника, поради што може подеднакво успешно да игра и на надворешните позиции и во рекетот. Речиси сите експерти се едногласни во својата оцена дека овој 19-годишен Французин ќе доминира во НБА уште во својата дебитантска сезона, а неговото доаѓање меѓу најдобрите кошаркари во светот е најочекуваното откако Леброн Џејмс беше првиот драфт пик во 2003 година.

„Ова е реализација на нешто за што сонував цел живот. Кога ја слушнав таа реченица од Адам Силвер (комесар на НБА лигата), за која толку многу сонував, не можев да се воздржам, а да не заплачам”, изјави Вембањама во директниот пренос од овогодинешниот НБА драфт.

Вембањама имаше просек од 20,6 поени, 10,1 скока, 3,0 блокади и 2,5 асистенции во 44-те натпревари кои ги одигра во дресот на Метрополитенс 92 минатата сезона.

Неговото доаѓање во Сан Антонио особено се очекува меѓу навивачите на Спарс, бидејќи низ историјата се покажа дека овој тим откако го имаше првиот пик на драфтот, знаеше да ги избере играчите со кои ја освои шампионската титула во НБА. Така беше со Дејвид Робинсон кој беше прв пик во 1987 година, како и со Тим Данкан кој беше избран како „број 1“ во 1997 година. Сите пет титули во тој период ги освоија Спарс под водство на легендарниот тренер Грег Попович.

Шарлот Хорнетс со вториот пик го избра шутерскиот чувар Брендон Милер од Универзитетот во Алабама. Портланд Трејл Блејзерс со третиот пик го избраа плејмејкерот Скут Хендерсон од развојната НБА Џи лига. Меѓу првите пет се и двајца играчи од приватната професионална лига Овертајм Елите, во која се натпреваруваат играчи на возраст од 16 до 20 години, а тоа се близнаците Амин и Аусар Томпсон. Плејмејкерот Амен стана нов член на Хјустон Рокетс како четврти пик, додека шутерот Аусар беше петти пик од Детроит Пистонс.

На овој драфт беа избрани вкупно 58 кошаркари, бидејќи на Чикаго Булс и Филаделфија 76ерс им беше одземено правото на избор во второто коло, поради недозволени контакти со играчите.

Меѓу 58-те избрани седум се и Европејци, а Франција предничи со дури четворица играчи. Покрај Вембањама, неговиот соиграч од Метрополитенс 92, 18-годишното крило Билал Кулибали, беше избран во првото коло од Индијана Пејсерс со седмиот пик, но веднаш беше трејдуван во Вашингтон за нивниот осми пик, американското крило Џерис Вокер од Универзитетот во Хјустон. Од француските играчи, во второто коло беа избрани шутерите Рајан Руперт како 43-ти избор на Портланд и Сиди Сисоко од Развојната лига на НБА Џи лигата како 44-ти пик на Сан Антонио.

Пред нив на 42-то место на драфтот е 20-годишниот центар на белградски Партизан, Тристан Вукчевиќ, на кого претендира Вашингтон. Белгиското 23-годишно крило Тумани Камара е 52-ри пик на Феникс, а Мемфис го избра Тарик Биберовиќ, 22-годишното босанско-херцеговско крило од турски Фенербахче, како 56-ти избор.