Кошаркарите на Бостон Селтикс со 116:100 ги совладаа Голден Стејт Вориорс во третиот натпревар од финалната серија на НБА лигата одигран ноќта кон четвртокот на домашен паркет и така поведоа со 2-1 во серијата до четири победи.
Поголем дел од натпреварот Селтикс го одржуваа водството, а Вориорс се заканија со пресврт кога поведоа со 83:82 пред крајот на третата четвртина. Меѓутоа, домашните кошаркари брзо реагираа, ја запреа гостинската серија и во последната делница обезбедија уверлива победа.
Бостон имаше тројца играчи со повеќе од 20 коша, а го предводеше Џејлен Браун со 27 поени, 9 скокови и 5 асистенции. Џејсон Тејтум додаде 26 коша со 9 скокови и 6 асистенции, додека Маркус Смарт впиша 24 поени, 7 скокови и 5 асистенции.
Вориорс со 31 кош ги предводеше Стефен Кари, Клеј Томпсон додаде 25 а Ендрју Вигинс 18 поени.
Бостон ќе биде домаќин и во четвртиот дуел од финалната серија, која се игра во сабота наутро во 3 часот.