Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс на својот паркет ноќта кон понеделникот ги совлада Бостон Селтикс со 107:88 во вториот натпревар од големото финале на НБА лигата и израмнија на 1-1 во серијата до четири победи.
Вориорс ги предводеше Стефен Кари со 29 поени, 6 асистенции, четири скокови и 3 украдени топки. Џордан Пул и покрај повеќето грешки во нападот во првиот дел дуелот го заврши со 17 поени, а Кевон Луни додаде 12 поени со 7 скокови. Ендрју Вигинс во победата учествуваше со 11 коша и 6 асистенции, а Клеј Томпсон застана на 11 поени.
Голден Стејт дуелот го решија со добрата игра во третата четвртина којашто ја добија со 35:14. А во тој период во кој Вориорс отидоа на 23 коша предност, Кари постигна 14 поени. Од крајот на првото полувреме до почетокот на четвртата делница Вориорс направија серија од 43:14.
„Стеф беше феноменален во третата четвртина. Притоа не мислам на бројот реализации, туку и на ефектот во одбраната, како и на целата екипа“, изјави по мечот тренер на Вориорс, Стив Кер, поранешната играчка ѕвезда.
Во тимот на Бостон најефикасен беше Џејсон Тејтум со 28 поени, од кои 21 постигна во првото полувреме. Џејлен Браун додаде 17 коша со 6 скокови и 3 асистенции, а Дерик Вајт 12 коша и 4 скокови.
„Нѐ чинеа 19-те загубени топки поради што примивме 33 коша. Тие загубени топки нѐ следат во доигрувањето, штом ги има многу како вечерва, ние губиме“, изјави тренерот на Селтикс, Ајме Удока.
Следниот трет натпревар ќе се игра ноќта кон четвртокот во Бостон. Голден Стејт има добиено барем еден гостински натпревар во рекордните 26 настапи во плејофот.