НБА го промени форматот за „Ол-стар“ натпреварот за да ја врати публиката

Квалитетот на „Ол-стар“ натпреварите значително опадна во последните години и недоволното залагање од НБА ѕвездите беше јасен знак дека е потребна некоја реформа, па сега најважната кошаркарска организација во Америка ги најави промените за 2025-та година.

НБА најави дека драстичната промена во форматот ќе се активира веднаш и ќе биде применета на „Ол-стар“ викендот кој ќе се одржи во Сан Франциско на средина на месец февруари наредната година.

Наместо досегашниот еден натпревар меѓу големите НБА ѕвезди, сега на програмата ќе има мини-турнир од кој ќе бидат дел четири екипи.

Планот е да се оформи полуфинале со два натпревари, а победниците од истите ќе играат во финале кое ќе го одлучи конечниот победник на „Ол-стар“ пресметките.

Како и досега, ќе бидат избрани 24 играчи од Истокот и Западот, а истите ќе бидат поделени во три тима кои ќе сочинуваат по осум играчи. Четвртата екипа на мини турнирот ќе биде победникот од натпреварот на „идните ѕвезди“ кој ќе се одигра во петок. На сите натпревари кои ќе се играат на мини-турнирот на „Ол-старот“, победник ќе биде екипата која прва ќе стигне, или ќе надмине 40 поени.