НБА: Голден Стејт трета година со ред во финалето

Голден Стејт Вориорс трета година со ред се пласираа во големото финале на НБА лигата откако ноќта кон вторникот во четвртиот меч од финалето во Западната конференција ги совладаа Сан Антониот Спарс со 129:115, станувајќи со тоа првата екипа во историјата на најсилната кошаркарска лига на светот којашто има скор од 12 победи без ниеден пораз во доигрувањето.

Голден Стејт во финалето се пласираа со 4-0 во серијата, а таму ќе се сретнат со севкупниот победник од серијата меѓу актуелниот НБА шампион Кливленд Кавалирс и Бостон Селтикс. Во финалето од Источната конференција моменталниот скор е 2-1 во полза на Кливленд.

Стеф Кари и Кевин Дурант заедно постигнаа 65 кошеви, или повеќе од половината на синоќешниот меч за Голден Стејт. Кари уфрли 36 кошеви, а Дурант 29 со 12 скокови.

Најдобар стрелец кај Сан Антонио, кој играше без повредените Кауај Ленард, Тони Паркер и Дејвид Ли, беше Кајл Андерсон со 20 кошеви, додека ветеранот Ману Џинобили постигна 15 поени.

Најголемата предност којашто Вориорс ја имаа во текот на натпреварот изнесуваше 22 поени, а Спарс единственото водство го имаа само на почетокот од мечот. Голден Стејт водеа со 12 поени на крајот од првата четвртина, на полувремето имаа плус 14, а на крајот од третата четвртина достигнаа 18 кошеви предност.