НБА лига: Џејмс дојде до 39.000 поени, Дурент го одигра својот 1.000-ти натпревар

Најдобриот стрелец во историјата на НБА лигата, Леброн Џејмс стана првиот играч во историјата на натпреварувањето кој стигна до бројката од 39.000 постигнати поени, тој постигна 17 поени за 24 минути игра во победата на Лос Анџелес Лејкерс на домашен терен од 131:99 против Јута Џез и со тој учинок достигна вкупно 39.012 погодоци во кариерата.

Џејмс во февруари оваа година го мина легендарниот Карим Абдул-Џабар, кој карирата ја заврши на 38.387 погодоци, како најдобар стрелец во НБА лигата, а негова следна логична цел е да стане првиот играч со 40.000 поени, што би можело да се случи во февруари или март следната година.

Ентони Дејвис ги предводеше Лејкерс до победата, обезбедувајќи го првото место во групата А од Западната конференција во нововоспоставеното натпреварување, турнирот во НБА во сезоната, со 26 поени и 16 скока, додека Омер Јуртсевен беше најдобар стрелец кај гостите со 18 коша.

Лејкерс на тој начин ги остварија сите четири победи во својата група и ќе играат во четвртфиналето на ова ново натпреварување.

Уште еден голем стрелец ноќта од вторник кон среда постави нови граници. Во победата на Феникс Санс на домашен терен со 120:107 против Портланд Трејл Блејзерс, Кевин Дурент го одигра својот 1.000-ти натпревар во НБА лигата, предводејќи го својот тим до победата со 31 поен. Со тој учинок стигна до 27.330 поени во кариерата и го мина Елвин Хејс за 11-то место на вечната листа на стрелците во најсилната лига на светот. За влез во топ 10 му недостигаат 79 поени, бидејќи Мозес Мелоун моментално е на 10-то место со 27.409 поени.

Покрај Лејкерс, и Индијана Пејсерс обезбедија пласман во четвртфиналето на меѓусезонскиот турнир на Источната конференција со победата на гости од 157:152 против Атланта Хокс, што е нивна трета победа во исто толку настапи во групата А на Истокот. Во исклучително ефикасна партија, Тајрис Халибартон до победата ги предводеше Пејсерс со 37 поени и 16 асистенции и Бади Хилд со 24 поени, додека кај Хокс тројца играчи постигнаа над 25 поени – Треј Јанг 38, Деџунте Мареј 28 и Богдан Богдановиќ 26.

Најинтересниот меч на вечерта го одиграа Филаделфија 76ерс и Кливленд Кавалирс, а гостите од Кливленд победија со 122:119 по продолжение. Кавс имаа 18 поени предност во текот на натпреварот, но Сиксерс имаа шут за победа на крајот од четвртата четвртина кога Џоел Ембиид беше непрецизен. Во продолжението, Џерет Ален обезбеди предност од 120:119 за Кавалирс на 18 секунди пред крајот, а потоа Тајрис Макси и Ембиид промашија за домашните, а Дариус Гарланд со две слободни фрлања ги постави конечните 122:119. Макси имаше уште една шанса за израмнување со „тројка“, но и во тој обид не беше доволно прецизен.

Гарланд со 32 поени и Ален со 26 поени и 13 скока беа најдобри кај Кавс, додека Ембиид со 32 асистенции и 13 скока и Макси со 30 удари ги предводеа Сиксерс.