НБА лига: Голден Стејт Вориорс го разменија Џордан Пул за Крис Пол

Водствата на НБА клубовите Голден Стејт Вориорс и на Вашингтон Визардс договорија размена на играчи во која 38-годишниот ол-стар плејмејкер Крис Пол ќе стане нов член на тимот предводен од Стивен Кари, додека 24-годишниот бек Џордан Пул ќе се пресели во главниот град на САД, објавија во четвртокот американските медиуми.

Ова е втор трејд за Пол во изминатата седмица, бидејќи Феникс Санс изненадувачки го испратија во Вашингтон, од каде што го доведоа најдобриот стрелец на тимот, Бредли Бил.

Покрај Пул, Визардс треба да го добијат и бекот Рајан Ролинс од Вориорс, заштитен пик во првата рунда на драфтот во НБА во 2030 година и пик во втората рунда во 2027 година.

Се чинеше дека Пул е долгорочна инвестиција за Голден Стејт, бидејќи пред минатата сезона потпиша четиригодишно продолжување на договорот од 140 милиони долари. Сепак, откако беше многу ефикасен во регуларниот дел од сезоната и имаше просек од 20,4 поени по натпревар, неговата продуктивност драстично опадна во плејофот каде имаше просек од 10,3 поени, а Вориорс беа елиминирани во второто коло од Лос Анџелес Лејкерс во шест натпревари.

Пред сезоната Пул беше вклучен во инцидент што се случи на тренинг, кога Дрејмонд Грин го удри со тупаница.

Грин во меѓувреме се откажа од последната година од договорот со Вориорс и стана слободен играч. Но, водечките луѓе на клубот, мнозинскиот сопственик Џо Лакоб и новиот генерален менаџер Мајк Данливи Џуниор јавно изјавија дека сакаат Грин да остане во тимот.

И покрај неговите доцни кошаркарски години и наклонетоста на повреди во клучните моменти од сезоната, кога се води битката за трофејот, Крис Пол сѐ уште е многу баран на пазарот на играчи. Во исклучително богатата кариера единствено што му недостига е шампионскиот прстен во НБА, а како член на тимот во кој покрај Кари се и Клеј Томпсон, Ендрју Вигинс и потенцијално Дрејмонд Грин, секако би можел да добие уште една шанса да ја освои толку посакуваната титула.