НБА лига: Голема победа на Вориорс кај Гризлис

Тешко изборена но голема победа изборија Голден Стејт Вориорс во првиот натпревар од конференциското полуфинале во доигрувањето за шампион на НБА лигата, совладувајќи ги во Мемфис домашните Гризлис со 117:116.

Во драматичната завршница судбината на мечот се сврти околу Клеј Томпсон кој на 39,7 секунди до крајот избори „мртва топка“, а потоа на 36,6 секунди до сирената ја погоди, како што се покажа подоцна, победничката „тројка“ за конечните 117:116.

Во следниот напад гостите успеаја да го одбранат влезот на Џа Морант, кого го блокираше Стефен Кари, за на 6,7 секунди пред крајот Томпсон да добие две слободни фрлања, но и двете ги промаши а за среќа на гостите топката по скокот на букетот играчи излезе во аут. Судиите не беа сигурни кој играл последен со неа, а тренерите немаа можност да побараат проверика преку снимка, па беше донесено соломонско решение за потфрлање на средината на теренот.

Топката дојде до играчите на Гризлис и веднаш побараа тај-аут, а им преостанаа 3,6 секунди за победничкиот кош. Акцијата беше подготвена за Морант кого под кошот го дочека „трагичарот“ Томпсон кој претходно испушти шанса да го реши мечот, и го натера домашниот играч на промашување при положувањето и така сепак му донесе победа на својот тим.

Гризлис до средината на третата четвертина беа подобрата екипа, но потоа дојде до пад и пред крајот на третата и почетокот на четвртата делнициа гостите тоа го искористија и со серијата 9:0 на 8,25 минути пред крајот првпат и последен пат во овој дуел дојдоа до двоцифрена предност (103:93). За само две минути домашните одговорија исто така со серија 9:0 и дојдоа до поен заостанување (102:103).

Во последните две ипол минути Мемфис трипати доаѓаше до водство, но Вориорс секогаш во следната акција израмнуваа.

Треба да се истакне и дека гостинската екипа целото второ полувреме го играше без Дрејмонд Грин кој поради груб прекршок беше исклучен на 78 секунди до крајот на втората четвртина.

Одличен натпревар за Вориорс одигра Џордан Пул кој беше најдобар играч во победничката екипа со 31 кош, 9 асистенции и 8 скокови. Стеф Кари постигна 24 поени, погодувајќи 5 „тројки“ од 12 обиди, но последните три ги промаши. Ендрју Вигинс додаде 17 коша со 8 скокови, а Томпсон дуелот го заврши со 15 поени со шут од игра 6 од 19.

Џа Морант „за влакно“ не впиша „трипл-дабл“ со остварувањето 34 коша, 10 асистенции и 9 скоковои. Најдобриот меч во својата НБА кариера ја одигра Џарен Џексон кој потигна 33 коша, со шут за „тројка“ 6 од 9, а на тоа додаде и 10 скокови. Значителен придонес имаше и Де’Ентони Мелтон со 14 поени и 7 скокови, додека 12 коша со 9 скокови впиша Брендон Кларк. На Мемфис за победата му недостасуваше подобра напаѓачка претстава на Дилон Брукс, кој оствари само 8 поени со шут 3 од 13, и од Дезмонд Бејн кој впиша 9 поени со шут 3 од 10 обиди.

Вториот дуел од оваа серија е на распоред ноќта кон средата во 3,30 часот по средноевропско време, а повторни ќе се игра во „Федекс Форум“ во Мемфис.