НБА лига: Големи пресврти на Репторс и Гризлис

Кошаркарите на Торонто Репторс се вратија од негативата од 22 поени на гостувањето кај Сан Антонио Спарс и на крајот победија со 123:116 по продолжение.

Најзаслужен за овој пресврт беше Скоти Барнс, кој во вториот дел постигна 25 од своите 30 поени, а имаше и 11 скока. ОЏеј Ануноби го одведе натпреварот во продолжение, постигнувајќи кош на 1,2 секунди пред крајот, по офанзивен скок, за да израмни на 110:110.

Спарс на крајот од првото полувреме имаа предност од 22 поени, а во последната четвртина влегоа со 15 поени повеќе од противникот. Сепак, Репторс не се предадоа и малку ја „грицкаа“ предноста на домашниот тим, па на крајот остварија голем пресврт.

Ануноби и Денис Шродер постигнаа по 24 поени за победниците, а Џејкоб Полтл искомбинираше 16 поени и 10 скока. Кај Спарс најдобар стрелец беше Келдон Џонсон со 26 поени. Зак Колинс постигна 21 поен, 11 скока и пет асистенции, а Виктор Вембањама го заврши натпреварот со 20 поени, девет скока, пет блокади и четири асистенции.

Првата победа во новата сезона ја остварија Мемфис Гризлис кои победија со 112:100 на гостувањето во Портланд, па сега нема тим во лигата без победа во новата сезона. Тоа не изгледаше веројатно, бидејќи во четвртата минута од последната четвртина Трејл Блејзерс имаа 12 поени предност (98:86). Домашниот тим постигна само два поени во последните осум минути, а Мемфис постигна 26 во новиот голем пресврт синоќа.

Дезмонд Бејн беше најдобар поединец на дуелот со 30 поени, осум скока и пет асистенции. Џерен Џексон Џуниор додаде 27 поени и седум скока за Гризлис, кои ги загубија првите шест натпревари во новата сезона. Џерами Грант беше најдобар стрелец кај Портланд со 27 поени, а Малком Брогдон имаше 18 поени, 11 асистенции и седум скока, но не успеаја да ја продолжат серијата од три победи на домашните.

Серијата од пет победи ја продолжија Голден Стејт Вориорс на гостувањето кај Кливленд Кавалирс, каде што ги чекаше тим од кој немаа пораз од Божик 2016. Сепак, Кливленд ѝ стави крај на низата од 16 порази.

Донован Мичел ги предводеше Кавс до победата со 31 поен и седум асистенции. Дарис Гарланд постигна 24 поени со седум асистенции, а Еван Мобли додаде 13 поени и 16 скока за победниците. Вориорс имаа лоша шутерска вечер. Стивен Кари ги предводеше гостите со 28 поени. Дрејмонд Грин постигна 18 поени со осум асистенции, а Клеј Томпсон и Џонатан Куминга по 15 поени.

Вориорс со поразот паднаа на третото место во Западната конференција со учинок 5-2, а на второто место беа заменети со Далас (5-1), кој пред своите гледачи го совлада Шарлот Хорнетс со 124:118.

Лука Дончиќ ги предводеше Маверикс со 23 поени, 12 скока и девет асистенции. Гранд Вилијамс постигна 18 поени, а Кајри Ирвинг додаде 10 асистенции. „Дабл-дабл“ постигна и Дерек Лајвли II. со 15 поени и 14 скока. Најдобар играч на натпреварот беше гостинскиот бек ЛаМело Бол со 30 поени, 13 асистенции и 10 скока. Пи Џеј Вашингтон и Гордон Хејворд додадоа по 20 поени, а Марк Вилијамс имаше 19 поени и 10 скока за Шарлот.

Во Детроит, Феникс Санс ја остварија третата победа (120:106) во новата сезона, по двата пораза на домашен терен од Сан Антонио, а Кевин Дурент постигна 41 поен. Ерик Гордон постигна 21 поен, а Грејсон Ален 14 за победниците. Пистонс кои сѐ уште се без Бојан Богдановиќ ги предводеше Кејд Канингем со 26 поени и шест асистенции. Дебитантот Маркус Сасер постигна личен рекорд со 22 поени, додавајќи четири асистенции. Ова беше четврти последователен пораз за Пистонс.