
Ноќта кон петокот во НБА лигата се одиграа четири натпревари, а изненадување направија Лос Анџелес Лејкерс, иако без своите ѕвезди Леброн Џејмс и Ентони Дејвис го совладаа Бостон Селтикс, водечкиот тим на лигата и Источната конференција со 117:105. Бостон на почетокот на последната четвртина стигна до шест коша заостанување, но потоа не можеше да се приближи повеќе.
Остин Ривс со 32 коша ги предводеше Лејкерс до победата. Џејсон Тејтум постигна 23 поени за Селтикси, а Кристапс Порзингис додаде 17 поени, седум скока и пет блокади. Сем Хаузер постигна пет „тројки“, а исто така заврши со 17 поени.
Благодарение на ова славје Лејкерс имаат 25 победи во 50 натпревари и го обезбедија 9-то место на Западот, додека Бостон и натаму е лидер на Истокот (37 победи – 12 порази).
Филаделфија 76ерс ја прекинаа серијата од четири порази и на гости ја победија Јута Џез со 127:124, а најзаслужен за победата беше Тајрис Макси, кој постигна рекорд во кариерата со 51 поен. Неколку часа откако беше прогласен за резерва на НБА Ол-стар, Макси докажа дека припаѓа меѓу елитата на лигата со тоа што постигна 17 од 27 коша од поле, погоди седум „тројки“ и реализираше 10 за 11 од линијата за слободни фрлања. Две од тие слободни фрлања беа на 4,1 секунди до крајот.
Тобијас Харис додаде 28 поени за 76-те, а Кели Оубре Џуниор 16. Џоел Ембиид го пропушти натпреварот за Сиксерс, откако се здоби со повреда на латералниот менискус на левото колено против Голден Стејт во вторникот. Лаури Марканен впиша 28 поени и 10 скока за Џезерите, кои го загубија третиот последователен натпревар.
Кливленд Кавалирс го победи Мемфис Гризлис со 108:101 Донован Мичел постигна 25 поени и имаше седум асистенции за Кливленд, кој го освои четвртиот по ред. Џерен Џексон Џуниор беше најдобар кај Гризлис со 25 поени.
Њујорк Никс ја забележаа деветтата победа во низа откако се вратија од негатива од 15 поени и ги победија Индијана Пејсерс со 109:105 на домашен терен. Ги предводеше Џејлен Брунсон со 40 поени, а „дабл-дабл“ учинок забележаа Прешис Ачиува (12 поени, 16 скокови) и Исаја Хартенштајн (12 поени, 19 скокови). Резервата Џејлен Смит постигна 20 поени за Пејсерси, кои го претрпеа вториот пораз по ред.