
Филаделфија Сиксерс му врачи отказ на тренерот Док Риверс, два дена откако тимот беше елиминиран во полуфиналето на Источната конференција од НБА плејофот, објави клубот.
„Док е еден од најголемите тренери во историјата на лигата, иден член на Куќа на славните и некој кон кого имам најголема почит“, вели во изјавата претседателот на Филаделфија, Дерил Мори.
„Ние сме благодарни за сè што направи во текот на трите сезони и му благодариме за значителното влијание што го имаше врз нашата франшиза. Откако размислувавме за нашата сезона, решивме дека се неопходни одредени промени за да ги постигнеме нашите цели“, додава Мори.
Сиксерс водеа со 3-2 во полуфиналната серија против Бостон Селтикс, но потоа претрпеа два пораза, а со 88:112 беа поразени во решавачкиот седми натпревар.
Шеесет и едногодишниот Риверс имаше уште две години договор со Сиксерс, на чија клупа оствари 154 победи и 82 порази. Претходно беше тренер на Орландо Меџик, Бостон Селтикс и Лос Анџелес Клиперс, а најголемиот успех го постигна во 2008 година кога со Бостон ја освои титулата во НБА.
Риверс е третиот тренер кој доби отказ по елиминацијата во плејофо, по Мајк Буденхолцер и Монти Вилијамс, кои беа отпуштени од Милвоки Бакс и Феникс Санс.