Кошаркарите на Портланд Трејл Блејзерс имаа 26 поени предност во третата четвртина од натпреварот во Милвоки, но домашните Бакс успеаја да направат голем пресврт и на крајот да победат со 108:102, а Демијан Лилард беше клучниот играч во финишот на мечот.
Поранешната ѕвезда на Трејл Блејзерс постигна 31 поен на првиот натпревар против својот поранешен клуб и ги погоди сите четири слободни фрлања во последната делница за голем пресврт. Капитенот на Бакс, Јанис Адетокумбо беше подеднакво заслужен за победата, кој ја протна топката низ обрачот на 19 секунди до крајот по промашувањето на Боби Портис за 104:102, што беше прво водство на домашната екипа од средината на првата четвртина. Гркот потоа го блокираше Малком Брогдон и го остави Лилард да ја заврши работата. Адетокумбо натпреварот го заврши со 33 поени, 16 скока, шест асистенции и три блокади. Стрелците на Портланд ги предводеше Џерами Грант со 22 поени, а Малком Брогдон додаде 18 поени и 12 асистенции.
Неделната победа беше седма за Милвоки (12-5) во последните осум натпревари, додека Портланд (4-12) загуби по деветти пат во последните 10 натпревари. А Орландо Меџик и Феникс Санс ги оствариј седмите победи со ред.
Орландо (12-5) пред своите гледачи ги совладаа Шарлот Хорнетс со 130:117, благодарение на исклучително расположениот двоец Франц Вагнер и Кол Ентони. Двајцата постигнаа по 30 поени и по седум скока, а Ентони имаше и седум асистенции, додека Вагнер впиша две. Одличен беше и Паоло Банкеро со 23 поени, осум асистенции и седум скока. Орландо последен пат победи седум натпревари во низа во сезоната 2010/2011.
Хорнетс (5-10) ги предводеше Мајлс Бриџис со 23 поени и 10 скока, а Тери Розиер додаде 22 поени и девет асистенции. Во средината на втората четвртина, Хорнетс останаа без ЛаМело Бол, кој го повреди скочниот зглоб при судир со Банчер и мораше со помош да го напушти теренот.
Феникс ја остварија седмата последователна победа совладувајќи ги домашните Њујорк Никс со 116:113 во „Медисон Сквер Гарден“, благодарение на „тројката“ на Девин Букер на 1,7 секунди пред истекот на времето. Пред тоа, Санс дојдоа до предност од 15 поени и за малку ќе им дозволија на Никс да направат голем пресврт.
Феникс втор натпревар по ред беше без Кевин Дурент, кој има повредено стапало, па Букер ја презеде улогата на главен играч и натпреварот го заврши со 28 поени и 11 асистенции. Голем придонес имаше Ерик Гордон со 25 поени, а Санс имаа помош и од играчите од клупата Џордан Гудвин (14 поени, седум скока, пет асистенции) и Насир Литл (11 поени). Џејлен Брунсон ги предводеше Никс (9-7) со 35 поени, осум асистенции и шест скока. Џулиус Рендл постигна 28 поени, а Имануел Квикли постигна 18.
Санс (11-6) се искачија на третото место на Западот и се изедначија со Денвер Нагетс (11-6), кои ја прекинаа серијата од два пораза победувајќи ги Сан Антонио Спарс со 132:120 на „Бол Арената“. Никола Јокиќ уште еднаш брилјираше, кој ги предводеше актуелните шампиони со 39 поени, 11 скока и девет асистенции во првата победа по двата последователни пораза. Прв „асистент“ на Јокиќ на овој меч беше Мајкл Портер Јуниор со 25 поени и седум скока и Реџи Џексон со 20 поени, седум скока и шест асистенции.
Првиот пик на годинешниот драфт, Французинот Виктор Вембањама беше најдобар играч на Спарс, а статистичките колони ги пополни со 22 коша, 11 скока, шест украдени топки и четири блокади. Девин Васел додаде 19 поени, но Спарс (3-14) не можеа да ја прекинат серијата од 12 порази што ги става на последното место во Западната конференција.
За разлика од тимот од Тексас, Минесота Тимбервулфс (12-4) во неделата стигна до 12-та победа со 119:97 на гостувањето во Мемфис и е водечка екипа на Западот. Ентони Едвардс постигна 24 поени, а Минесота ги задржа Гризлис (3-13) на само 38,6 отсто шут од поле, носејќи ги Гризлис до четвртиот пораз по ред. Сите играчи на Минесота се впишаа меѓу стрелците. Карл-Ентони Таунс постигна 18 поени, а Мајк Конли додаде 10 асистенции. Стрелците на Мемфис беа предводени од Џерен Џексон Јуниор со 18 поени.
Бостон Селтикс (13-4) се вратија на врвот на табелата во Источната конференција победувајќи ги Атланта Хокс со 113:103 во „ТД Гарден“. Прво име кај победничкиот тим беше Џејсон Тејтум со 34 поени и девет скока. Џејлен Браун додаде 21 поен и седум скока, а Дерик Вајт одлично го замени повредениот Џру Холидеј во улога на шпиц и мечот го заврши со 15 поени и 11 асистенции. Треј Јонг ги предводеше Хокс (8-8) со 33 поени, седум асистенции и пет скока. Де’Андре Хантер постигна 24 поени, а Богдан Богдановиќ 23, погодувајќи седум тројки во 10 обиди.
Навивачите на Бруклин Нетс се радуваа на голем пресврт во „Барклис Центарот“, во кој ги победија Чикаго Булс со 118:109, иако гостите водеа со 30:9 по седум ипол минути игра. Нетси се вратија благодарение на одличното шутирање однадвор. Погодија дури 25 „тројки“ (25/53), што е рекорд во оваа сезона во НБА лигата.
Спенсер Динвиди постигна 24 поени. 20 поени постигнаа Лони Вокер IV и Ројс О’Нил, кои погодија шест тројки во десет обиди. Демар Дерозан од Булс ги предводеше сите стрелци со 27 поени, но неговиот тим го загуби четвртиот последователен натпревар и седми во последните осум натпревари. Коби Вајт додаде 23 поени, додека Патрик Вилијамс и Зек ЛаВин постигнаа по 20 поени.
Кливленд Кавалирс пред своите навивачи ги победија Торонто Репторс со 105:102. Дариус Гарланд постигна 24 поени, а Макс Струс ги постигна сите 20 свои поени во третата четвртина. Центарот Еван Мобли искомбинираше 12 поени и 14 скока. Паскал Сијакам и Јакоб Поелтл постигнаа по 18 поени за Репторс, а Поелтл имаше и 13 скока.