НБА лига: Селтикс ги „разбија“ Сиксерс во решавачкиот меч

Кошаркарите на Бостон Селтикс се пласираа во финалето на доигрувањето во Источната конференција на НБА лигата, откако во решавачкиот седми натпревар од вториот круг во својата сала ги совладаат Филаделфија 76ерс со 112:88 и така со вкупни 4-3 во победите изборија соочување со Мајами Хит.

Мечот беше решен во третата четвртина, кога Селтикс по враќањето од одморот со одлучен шут од дистанца за 10 минути со серија 28:6 создадоа предност од 83:58. Бидејќи домашните кошаркари ги постигнаа и последните пет коша во првото полувреме, таа решавачка серија изнесуваше 33:6.

Одличен беше Џејсон Тејтум кој ги предводеше Селтикс со 51 кош и 13 скокови. Тој уште во првото полувреме постигна 25 поени и така продолжи каде што застана во завршницата од шестиот меч во Филаделфија кога постигна четири „тројки“ во последните четири минути и го спаси својот тим од елиминација, за во седмиот дуел да го надмине и феноменалниот учинок на Стеф Кари кој во седмиот дуел од првиот круг во Западната конференција ги водеше Голден Стејт Вориорс до победата против Сакраменто Кингс со 50 поени.

Покрај Тејтум, одличен кај Селтикс беше и Џејлен Браун со 25 поени, додека кај Сиксерс најефикасни беа Тобијас Харис со 19 и Тајрис Макси со 17 коша. Потфрлија главните ѕвезди Џоел Ембиид и Џејмс Харден. Ембиид постигна 15 поени, но со шут 5 од 18 обиди, а Харден остана на 9 поени, 7 асистенции и 6 скокови.

Бостон и Мајами и минатата година играа во финалето на Источната конференција, а по седумте дуело пласман во големото финале изборија Селтикс. Финалната серија на Истокот ќе започне ноќта кон четвртокот.

Во финалната серија во Западната конференција, којашто започнува ноќта кон средата, се соочуваат Денвер Нагетс и Лос Анџелес Лејкерс.