НБА: Орландо го прегази Феникс, Бостон подобар во дербито со Денвер

По Далас Маверкс пред неколку дена, кошаркарите на Орландо Меџик на домашен паркет прегазија уште еден силен гостин од Западот, ги победија Феникс Санс со 114:97 со шест играчи кои постигнаа двоцифрен број поени.

Се истакна Вендел Картер со 20 поени, 10 скока и пет асистенции, додека Бол Бол имаше 13 поени и 15 скока. Феникс настапи без Крис Пол, предводен од Камерон Пејн со 22 поени и Девин Букер со 17 поени, осум скока и шест асистенции.

Само вториот пораз сезонава го забележаа Милвоки Бакс (10-2), а паднаа кај Сан Антонио Спарс со резултат 93:111. Гостите одиграа без своите најдобри играчи (Јанис Адетокунбо, Холидеј и Мидлтон). Келдон Џонсон ги предводеше своите Спарс до славјето со 29 поени од кои погоди 5 од 8 обиди за три поена.

Не престанува негативната серија на Лос Анџелес Лејкерс, овојпат беа поразени на домашен терен од Сакраменто Кингс со 114:120. Лејкерси се на дното на табелата во Западната конференција и имаат сооднос 2-10, исто како Хјустон Рокитс.

Лејкерс беа без Леброн Џејмс, кој го повреди адукторот на претходниот меч, а Сакраменто имаше лидер во Деарон Фокс, кој постигна 32 поени, но имаше и 12 асистенции и седум скокови. Одличен беше и Литванецот Домантас Сабонис со 21 поен, 10 скока и шест асистенции.

Во дербито на вечерта, Бостон Селтикс во својата сала го совладаа Денвер Нагетс со 131:112, а речиси половина од домашните поени постигнаа Џејсон Тејтум (34 поени, осум скока и пет асистенции) и Џејлен Браун (25 поени, по осум скока и асистенции). На другата страна Никола Јокиќ уфрли 29 поени.

Добриот настап на хрватскиот кошаркар Бојан Богдановиќ не му беше доволен на Детроит Пистонс кои ноќта кон саботата во „Медисон Сквер Гарден“ беа поразени од Њујорк со 112:121. Богдановиќ одигра одлично, но неговите 25 поени не беа доволни за да го избегне десеттиот пораз на Детроит сезонава. Со 3:10 Пистонс се на дното во поредокот на Источната конференција, исто како и Шарлот Хорнетс.

Њујорк имаше десет поени предност на полувремето, и продолжи да ја одржува разликата без поголеми шанси гостите да го свртат резултатот. Богдановиќ ја имаше најдобрата поддршка кај клупата Алек Буркс, кој постигна 17 поени и Ајсија Стјуарт, кој постигна 13 поени со осум скока. Во победничкиот тим, Реџеј Барет постигна 30 поени со по пет скока и асистенции, додека Џејлен Брунсон додаде 26 со седум асистенции.

Дури 40 поени постигна Стивен Кари за победата на Голден Стејт на домашен терен против вжештениот Кливленд од 106:101. Кари имаше одличен гол од поле 15-23 со 6-11 тројки.