
ошаркарите на Бостон Селикс, кои го имаа најдобриот соодност во регуларниот дел од сезоната во целата НБА лига, први се пласираа во конференциското финале по севкупната победа од 4-1 против Кливленд во полуфиналето на Источната конференција.
Бостон на домашен паркет го доби петтиот натпревар со 113:98, а во финалето на Истокот го чека победникот од дуелот во кој се среќаваат Њујорк Никс и Индијана Пејсерс. Њујорк моментално води со 3-2.
Патот на Бостон до ново конференциско финале беше извесен и поради повредите што го погодија Кливленд. Од претходно, првиот центар Џерет Ален не играше за Кавс, а како и во четвртиот дуел од серијата, неговиот прв стрелец Донован Мичел и овојпат не настапи за Кливленд поради повреда на потколеницата на левата нога.
И покрај тоа, Кливленд добро се држеше во петтата средба. Постојано се закануваше, одржуваше резултатски приклучок со Бостон, но не дојде до изненадување. На полувремето Бостон имаше плус 6, а клучниот чекор кон конечната победа го направи во последната четвртина кога побегна на двоцифрена предност.
Џејсон Тејтум беше најдобар играч на Бостон со 25 поени, девет асистенции и 10 скока. Одличен натпревар одигра искусниот Ал Хорфорд, кој постигна 22 поени со пет асистенции и 15 скока. Дерик Вајт додаде 18 поени, шест асистенции и пет скока за Бостон.
Кливленд го предводеа двајца играчи, Еван Мобли постигна 33 поени со седум скока, додека од клупата Маркус Морис постигна 25 поени со 5 од 6 за шут за три поена.
На натпреварот помеѓу Оклахома Сити Тандер и Далас Маверикс, повторно победи гостинската екипа, Далас победија со 104:92 и ја вратија предноста на домашниот терен. Овојпат Далас ќе ја има меч топката за конечна победа пред своите навивачи. Води со 3-2, а шестиот натпревар се игра во Далас, ноќта од сабота кон недела.
Во петтиот меч Далас постојано беше во водство. Во првиот дел имаше 15 поени разлика, додека на почетокот на последната четвртина гостите имаа 20 поени предност.
Недостижен за Оклахома Сити повторно беше Лука Дончиќ кој го доведе Далас до нова предност. Словенечкиот кошаркар оствари „трипл-дабл“ учинок со 31 поен, 11 асистенции и 10 скока. Дерик Џонс Џуниор додаде 19 коша за Далас, а важна улога од клупата имаше центарот Дерек Лајвли кој додаде 11 поени и 10 скока.
Единствениот расположен домашен играч беше Шек Гилгџус-Александер кој постигна 30 поени, додавајќи осум асистенции и шест скока. Немаше вистинска поддршка од соиграчите, па следен најдобар играч беше Лугуенц Дорц со 12 поени, четири асистенции и шест скока.