НБА плеј-оф: Филаделфија без Ембид го „измете“ Бруклин

Кошаркарите на Филаделфија 76ерс се првата екипа која се пласираше во вториот круг од доигрувањето во НБА лигата, откако и во четвртиот дуел ги совладаа Бруклин Нетс на нивен терен со 96:88.

Победата на тимот на Док Риверс е уште позначајна, бидејќи е остварена без најдобриот играч на Сиксерс, центарот Џоел Ембид, кој во третиот натпревар го повреди коленото и мораше да го пропушти вечерашниот дуел.

Бруклин беа подобри во текот на првото полувреме и на почетокот од третата четвртина, во која Нетс дојдоа и до 11 коша предност (53:42), но следеше серијата на гостите од 14:0 по која Сиксерс почнаа да го контролираат темпото на мечот.

Бруклин уште еднаш накусо поведоа во последната делница со 72:70 со кошот на Микал Бриџес, но Филаделфија повторно одговорија со серија од 8:0 и повеќе не им дадоа можност за пресврт на домашните.

Тобијас Харис ги предводеше Сиксерси со 25 поени и 12 скока, а Џејмс Харден постигна 17 поени со 11 асистенции и 8 скока. Тајрис Макси постигна 16 поени, а Де Ентони Мелтон 15 поени. Се покажа и резервниот центар Пол Рид со 10 поени и 15 скока.

Кај Нетс најдобар стрелец беше Спенсер Динвиди со 20 поени. Ник Клакстон искомбинира 19 поени и 12 скока, а Микал Бриџис заврши со 17 поени.

Во полуфиналето на Источната конференција, Филаделфија го чека подобриот од мечот меѓу Бостон и Атланта, во кој Хоукс со домашна победа во третиот натпревар од серијата намалија на 2-1 и ќе се обидат во недела пред своите навивачи да дојдат до израмнување.