НБА плејоф: Голден Стејт го намали водството на Сакраменто, Бруклин пред елиминација

Актуелните шампиони во НБА лигата, Голден Стејт Вориорс, ги победија Сакраменто Кингс со 114:106 и ја намалија предноста на ривалот на 2:1 во првото коло од плејофот на Западната конференција во соочувањето до четири победи.

Откако Кингс ги добија првите два дуела, акруелните прваци во третиот обид го пронајдоа патот до победата. Иако играа без суспендираниот Дрејмонд Грин и болниот Гери Пејтон, Вориорс остварија победа на паркетот во нивниот „Чејс центар“. Четвртиот натпревар е повторно закажан за три дена во Сан Франциско.

Домашните почнаа сериозно и по првиот дел имаа плус 9 (29:20). До полувремето Вориорс ја зголемија предноста на 12 поени (53:41). Во третиот период имаа 18 поени, но до крајот на четвртината Сакраменто намали на 84:72. Во последниот дел Голден Стејт „побегнаа“ на плус 19 (100:81), а потоа мирно го приведоа мечот кон крајот.

Стивен Кари го предводеше победничкиот тим со 36 поени и шест скока, Ендрју Вигинс додаде 20 поени и седум скока, Џордан Пул 16 поени, а Кевон Луни четири поени и дури 20 скока и девет асистенции. На спротивната страна најефикасен беше Де’Арон Фокс со 26 поени, 10 скока и девет асистенции, додека Домантас Сабонис имаше 15 поени и 16 скока.

Феникс Санс водат со 2-1 против Лос Анџелес Клиперс, откако победија со 129:124 во третиот натпревар од првото коло од плеј-офот во Западната конференција во арената „Крипто.ком“. Четвртиот натпревар е во сабота во Лос Анџелес.

Гостите до славјето ги предводеше одличниот Девин Букер со 45 поени и шест скока, додека Кевин Дурент додаде 28 поени, шест скока и пет асистенции. Кај Клиперс одличен беше Норман Пауел со 40 поени, што е негов рекорд во кариерата во плеј-оф натпреварите. Расел Вестбрук додаде 30 поени, 12 асистенции и осум скока.

На Истокот се одигра само еден натпревар, Филаделфија 76ерс на гости го победија Бруклин Нетс со 102:97 и сега водат со големи 3-0. Првата „меч-топка“ ќе ја имаат за два дена во Бруклин.

Тајрис Макси ги предводеше гостите до победата со 25 поени, Џејмс Харден додаде 21 поен, а Џоел Ембиид забележа 14 поени и 10 скока. Кај домаќините најефикасен беше Микал Бриџис со 26 поени, а Спенсер Динвиди додаде 20 поени со седум асистенции.

Харден беше исклучен на 13,6 секунди пред крајот на третата четвртина откако со лакт го удри Ројс О’Нил под појасот, а по натпреварот беше бесен поради одлуката на судијата.

„Не го удрив толку силно, суспензијата е неприфатлива. Ова е натпревар од плејофот. Видовме многу полоши работи во лигата. Тоа е неприфатливо”, беше лут Харден по натпреварот. Сомнителна е и одлуката на судијата од втората минута од играта, кога Ембиид го шутна Ник Клакстон, но тој не беше исклучен, туку доби техничка.