НБА плејоф: Лејкерс и Хит на чекор на конференциските финалиња

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс се на прагот да се пласираат во финалето на плеј-офот на Западната конференција на НБА лигата, откако победија во четвртиот натпревар од серијата против бранителот на титулата Голден Стејт Вориорс во нивната сала со 104:101 и така поведоа со 3-1 во серијата до четири победи.

Во драматичната завршница, Лони Вокер стана неочекуваниот херој на Лејкерс, додека улогата на трагичарот за гостите му припадна на Стивен Кари и покрај остварениот учинок „трипл-дабл“.

Вокер ги постигна сите 15 поени во натпреварот во четвртата четвртина, за водство од 102:99 на влезот во последната минута и за 104:101 од линијата за слободни фрлања на 15 секунди до крајот. Од друга страна, Кари и покрај 31 поен, 14 асистенции и 10 скока имаше слаб шут од поле 12 од 30 (3 од 14 за „тројка“), а на крајот промаши и два клучни шута. При водство на Лејкерси со 102:101, Кари на 30 секунди пред крајот шутираше над Ентони Дејвис, промаши а по офанзивниот скок на Дрејмонд Грин топката повторно стигна до Кари, кој се обиде да шутира „тројка“ над Дејвис, но и овојпат промаши. Откако Вокер ги погоди двете слободни фрлањаза 104:101, Вориорс последната акција ја одиграа многу лошо и не добија ниту можност шут за евентуално продолжение.

Лејкерси до важната победа ги предводеа Леброн Џејмс со 27 коша, 9 скока и 6 асистенции и Дејвис со 23 поени и 15 скока. Кај Вориорс, покрај Кари, двоцифрени беа и Ендрју Вигинс со 17 и Гери Пејтон Јуниор со 15 поени.

Лејкерси сега се на само една победа до пласман во финалето на Западната конференција, иако доигрувањето го изборија преку турнирот „плеј-ин“ , а првата шанса ќе ја имаат ноќта од среда кон четврток во Сан Франциско.

И на Истокот, тимот што се пласираше во плејофот дури преку „плеј-ин“ е на прагот да влезе во конференциското финале. Мајами Хит поведоа со 3-1 во победи против Њујорк Никс, победувајќи ги во четвртиот натпревар на својот паркет со 109:101. Хит го контролираа резултатот во текот на целиот меч, а до победата го предводеа Џими Батлер со 27 поении 10 асистенции и Бам Адебајо со 23 поени и 13 скока. Кај Никс најдобри беа Џејлен Брунсон со 31 кош и 11 асистенции и ЕрЏеј Барет со 24 коша.

Петтиот натпревар меѓу Никс и Хит е исто така закажан за ноќта од среда кон четврток во „Медисон Сквер Гарден“.