НБА плејоф: Лејкерси им ја „украдоа“ предноста на домашен терен на Вориорс

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс ги совлада Голден Стејт Вориорс со 117:112 во првиот натпревар од конференциското полуфинале на НБА плеј-офот одигран во „Чејс центарот“ во Сан Франциско.

Актуелните шампиони во НБА лигата ја минаа цела прва четвртина во водство, само за Лејкерс да ја преземат контролата од втората четвртина наваму. Во третата четвртина, во која Вориорс традиционално ги кршат противниците, гостинскиот тим првпат стигна до двоцифрена предност.

На почетокот на последната четвртина Голден Стејт ја намали негативата на четири коша, а на шест минути пред крајот Лејкерс ја остварија најголемата предност на натпреварот, стигнаа до плус 14 (112:98), а се чинеше дека Вориорс веќе не можат да се вратат во мечот.

Сепак, во следните четири минути и 20 секунди, Стивен Кари постигна осум поени и асистираше за „тројки“ на Клеј Томпсон и Џордан Пул во серија од 14:0 на домашната екипа, која израмни на 98 секунди пред крајот (112:112).

Сепак, до крајот на мечот Вориорс останаа без погодок. При 114:112 за Лејкерс, Ентони Дејвис го блокираше ударот на Кари во рекетот, а при 115:112 Џордан Пул промаши „тројка“ за израмнување на натпреварот на 9,7 секунди пред крајот. Денис Шродер од линијата за слободни фрлања ја зацементира победата за тимот од Лос Анџелес.

Лејкерс беа предводени од Ентони Дејвис, кој ги „тероризираше“ противниците во двата рекета, а дуелот го заврши со 30 поени, 23 скока, пет асистенции и четири блокади. Леброн Џејмс погоди само една „тројка“ во осум обиди, но стигна до 22 поени и 11 скока. Денис Шродер постигна 19 поени и Д’Анџело Расел, кој имаше и шест асистенции.

Две вечери откако постигна 50 поени за Кинг во седмиот натпревар од првото коло, Стивен Кари остана на 27 поени, а одбраната на Лејкерс го ограничи на три асистенции и му изнуди пет загубени топки. Клеј Томпсон постигна 25, а Џордан Пул постигна 21. Кевон Луни повторно беше скокачка машина со 23 фатени топки под обрачите, а постигна и 10 поени. Ендрју Вигинс застана на 15 поени.

Натпреварот бр. 2 од серијата е закажан за четврток навечер во 3 часот по средноевропско време, а Вориорс повторно ќе бидат домаќини на натпреварот пред тимовите да отпатуваат во Лос Анџелес на третиот и четвртиот натпревар.