НБА плејоф: Пласман на Бостон, Далас блиску до полуфиналето

Кошаркарите на Бостон Селтикс на домашен терен го победија тимот на Мајами Хит со 118:84 и се пласираа во полуфиналето од плејофот на Источната конференција на НБА лигата со конечен скор од 4-1 во победи.

Џејлен Браун и Дерик Вајт со по 25 поени ги предводеа Селтикс до убедлива победа во серијата, која започна со пораз против непријатните Хит. Сем Хаузер додаде 17 поени, а Џејсон Тејтум 16 поени и 12 скока. Во тимот на Мајами најдобар беше Бам Адебајо со 23 поени, а Тајлер Хиро постигна 15 коша.

Бостон во средата играше без Кристапс Порзингис, кој ќе биде надвор од терените на неодредено време поради повреда на потколеницата. Тренерот на Селтикс, Џо Мазула, рече дека повредата на Порзингис ќе биде повторно проценувана следната седмица.

По нерешените 11-11 на почетокот на натпреварот, Бостон ја презеде контролата постигнувајќи 21 од следните 26 поени. Селтикс постигнаа осум „тројки“ во првата четвртина и водеа со 41:23 по 12 минути, обезбедувајќи ја победата уште тогаш.

„Игравме агресивно и најдовме начин да дојдеме до победата. Мораме да расчистиме некои работи што ги измешавме и ќе бидеме подобри како што продолжува плејофот“, рече Браун.

Хит, кои беа без Џими Батлер и Тери Розиер, во средата беа и без дебитантот Хамес Јакез Џуниор.

„Нема ова да го припишеме на фактот дека имавме некои повреди. Да не му одземаме ништо на Бостон. Тие беа најдобриот тим во кошарката цела сезона, а и во оваа серија од четири натпревари одиграа така. Имаат многу добар тим. Тие знаат што прават и го заслужуваат ова“, рече тренерот на Мајами, Ерик Споелстра.

Бостон во второто коло од плејофот ќе игра со победникот од серијата меѓу Кливленд и Орландо во која Кавалирс водат со 3-2.

Кошаркарите на Далас Мaверикс поведоа со 3:2 против Лос Анџелес Клиперс во првото коло од плејофот на Западната конференција, откако победија на гости со дури 123:93. Најзаслужен за победата на Далас беше Лука Дончиќ, кој во вториот дел постигна 20 од своите 35 поени и додаде десет асистенции и седум скока. Максимилијан Клебер постигна 15, додека Кајри Ирвинг и Џејден Харди придонесоа со по 14 поени за Маверикс.

„Натпреварот број 5 е завршен и ние мора да се подготвиме за натпреварот број 6 и да најдеме начин да победиме знаејќи дека во оваа серија и двата тима лесно победија на гости. Натпреварот број 6 ќе биде тежок, бидејќи тие имаат момци кои можат да постигнуваат поени во серија, рече тренерот на Маверикс, Џејсон Кид.

Маверикс ја презедоа контролата над мечот со серија од 14:0 во третата четвртина, воспоставувајќи водство од 73:50. Во третата четвртина Клиперс шутираше 33,3 отсто, додека Далас во тој период шутираше 63,2 отсто.

„Едноставно не игравме добро, дефанзивно или офанзивно. Сè уште не е готово. Знаеме дека можеме да победиме на нивниот паркет, а тоа веќе го покажавме“, изјави тренерот на Клиперс, Тајрон Лу.

Кај Клиперс најдобри беа Пол Џорџ со 15 поени и 11 скока и Ивица Зубац, кој исто така постигна 15 поени, со 6 скока и 2 асистенции. Норман Пауел постигна 14 поени, додека Теранс Ман и Бонс Хајланд по 11 за Лос Анџелес, но Џејмс Харден остана на седум поени и седум асистенции. Харден шутираше за 2-12 од поле и 1-7 за тројки, откако тој и Џорџ постигнаа по 33 поени во победата на четвртиот натпревар Клиперс по третпат во натпревар од серијата останаа без Кави Ленард, кој има повреда на десното колено.

Следниот натпревар од оваа серија е закажан за петок навечер во Далас.