НБА: Вашингтон продолжува со одличните игри во плеј-офот

Кошаркарите на Вашингтон ја совладаа Атланта со 104:98 на гостински терен и поведоа со 1:0 во полуфиналето на НБА плеј-офот во источната конференција.

Натпреварот беше решен во последниот период, во кој со одлична игра во одбраната „Визардси“ ги ограничија „Јастребите“ на само четири поени од 26 шутеви од игра и воедно со поените на Џон Вол и Ото Портер на три минути пред крајот создадоа предност за победа.

Вашингтон е прв тим во историјата на НБА плеј-офот кој го добил првиот меч од серијата на четири последователни гостувања. Минатата сезона тоа го сторија на гостувањата против Чикаго и Индијана, а оваа против Торонто и сега против Атланта.

Предводник до победата беше Бредли Бил со 28 поени и 7 скокови, а Џон Вол имаше 18 поени и 13 асистенции.

Демар Керол беше најефикасен кај Атланта со 24 поени, Хорфорд имаше 17 поени и 7 скокови, а македонскиот центар Перо Антиќ забележа пет поени и исто толку скокови, за дваесетина минути поминати на паркетот.

Голден Стејт го совлада Мемфис со 101:86 и поведе со 1:0 во серијата во полуфиналето на западната конференција.