шаркарите на Вашингтон Визардс на својот паркет ги совладаа Индијана Пејсерс со убедливи 142:115 со што го изборија местото на осмиот носител во жребот за доигрувањето во НБА лигата во Источната кондеренција, кое во првиот круг го носи дуелот со Филаделфија 76ерс кои во регуларниот дел од сезоната имаа најдобар сооднос на победи и порази во истата конференција.
Резултатската неизвесност на дуелот меѓу Визардс и Пејсерс траеше само во првата четвртина. Веќе во првата половина на втората делница Вашингтон дојде до двоцифрена предност и ја зголемуваше до најголемите 37 поени разлика.
Бредли Бил со 25 коша беше најдобар стрелец кај Вашингтон, по 18 додадоа Руи Хатимура и Расел Вестбрук кој имаше и 15 асистенции и 8 скокови. Даниел Гефорд, пак, врза 15 поени и 13 скокови.
Малколм Брогдон со 24 коша беше најдобриот стрелец кај Индијана, а Домантас Сабонис сезоната ја заврши со уште еден „трипл-дабл“ со 19 поени, 11 скокови и 10 асистенции.
Ноќта кон саботата во 3 часот по македонско време за местото на осмиот носител во Западната конференција ќе се соочат Голден Стејт Вориорс и Мемфис Гризлис.
Првите натпревари од доигрувањето ќе се играат во сабота, а на распоредот се дуелите Милвоки – Мајами во 20 часот, Лос Анџелес Клиперс – Далас (22,30), Бруклин – Бостон (2,00) и Денверк – Портланд во 4,30 часот.