
Првиот пик на годинешниот драфт во НБА, 19-годишниот Французин Виктор Вембанјама и вториот пик од 2022 година, 21-годишниот Американец Чет Холмгрен, дебитираа во подготвителниот натпревар на нивните клубови, Сан Антонио Спарс и Оклахома Сити Тандер.
Натпреварот се одигра во „Пејком центарот“ во Оклахома Сити, а домашната екипа победи со 122:121. Двајцата играчи од кои се очекува да бидат предводници на новата генерација во најдобрата кошаркарска лига во светот, го покажаа раскошот на својот талент и беа најдобри играчи на своите тимови.
Холмгрен, кој е висок 216 сантиметри и мораше да ја пропушти целата минатата сезона поради повреда на стапалото, одигра нешто повеќе од 16 минути за победниците и сите во првото полувреме. Тој постигна 21 поен со девет скока и една асистенција, шутираше 7/10 од поле и 2/2 за „тројка“.
Вембанјама, кој е повисок за осум сантиметри, на теренот мина речиси 19 ипол минути, без да влезе во игра во последната четвртина, а заврши со 20 поени и пет скока. Погоди 8/13 од поле, а 2/5 за „тројка“. Покрај тоа, имаше и две украдени и четири загубени топки.
„Чувствувам дека (Холмгрен) ни зададе најмногу проблеми… Знам дека тоа е само предсезоната, но сигурно игрите против Оклахома Сити Тендер ќе бидат интересни“, рече 19-годишниот Французин за својот ривал, поранешниот ѕвездата на Универзитетот Гонзага.
Холмгрен возврати на комплиментите.
„Мислам дека Вик и јас направивме многу добра работа што не дозволивме да стане шоу ‘Чет против Вик’. Тоа може да биде некаква добротворна игра во лето или нешто слично, но овде станува збор за Тандер против Спарс“, додаде Американецот.
Двајцата играчи беа пофалени и од легендарниот тренер на Сан Антонио, Грег Попович, кој прв ја коментираше играта на Холмгрен.
„Тој е фантастичен… Тој е комплетен играч, паметен е, знае да игра и дефинитивно ќе биде добар. Мислам дека ќе биде забавно за сите да ги гледаат и двајцата во текот на нивната кариера“, рече Попович.
Првиот натпревар во новата сезона Сан Антонио ќе го одигра на 25. октомври кога ќе му гостува на Далас Маверикс, а истиот ден Оклахома Сити ќе му гостува на Чикаго Булс. Спарс и Тандер ќе го одиграат првиот од четирите натпревари од регуларната сезона на 14. ноември во Оклахома Сити.