НБРМ: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Советот на Народната банка на својата редовна седница го разгледа Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на интеграција во ЕУ, во периодот ноември 2023 – октомври 2024 година. Во Извештајот се дава осврт кон препораките од Програмата за економски реформи 2024 – 2026 година, наодите од поткомитетите во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во кои учествува Народната банка, проектите на Народната банка финансирани преку ИПА, како и на останати активности поврзани со ЕУ.

Во Извештајот се заклучува дека значаен исчекор во приближувањето кон ЕУ е поднесувањето на барањето од Народната банка за вклучување на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Пристапот во СЕПА ќе им овозможи на граѓаните и на компаниите да добијат поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра. Според Европската комисија, со помош на претпазливата монетарна политика инфлацијата се стави под контрола, сепак потребно е натамошно внимателно оценување, анализа и следење на ценовните движења. Во однос на монетарната политика, оценето е дека има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ во однос на забраната за монетарно финансирање на јавниот сектор и забраната за привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиските институции, но и дека е потребно понатамошно усогласување заради задржување на независноста на Народната банка. Банкарскиот сектор е отпорен, додека сетот макропрудентни инструменти е зајакнат. Во однос на платните системи, транспарентноста на условите за користење на платежните услуги е подобрена, откако Народната банка ја воведе алатката за споредба на надоместоците за најчесто користените платежни услуги коишто ги обезбедуваат локалните банки. Треба да се спроведува Законот за платежни услуги и платни системи со цел да се воведат повеќе разновидни висококвалитетни и сигурни платежни услуги, за што ќе придонесе и воспоставувањето унифициран регистар на банкарски сметки.

Советот на Народната банка на седницата донесе и одлуки со кои се усогласува правната рамка за спроведување на монетарните операции со измените и дополнувањата на Законот на Народната банка. Притоа, за унапредување на оперативната рамка на Народната банка и заради примена на најдобрата меѓународна практика, се дефинираа и се воедначија критериумите за пристап на банките и штедилниците до монетарните инструменти за повлекување и обезбедување ликвидност.

Советот на Народната банка разгледа и усвои и други акти од областа на работењето на централната банка.