НБРМ на конференција за е-трговија: Се обезбедуваат услови за иновативни дигитални решенија и намалување на надоместоците

-Одржувањето ефикасен, сигурен и безбеден национален платен систем, подготвен за идната интеграција кон платежната инфраструктура на Европската Унија е една од придобивките на новиот Закон за платежни услуги и патни системи. Преку спроведувањето на законските одредби, Народната банка како регулатор на овој пазар обезбедува услови со цел да ја поттикне конкуренцијата заради збогатување на услугите коишто се засновани на дигитални решенија, едновремено поттикнувајќи намалени надоместоци, стои во соопштението на НБРМ.

-Притоа, особено внимание ѝ се посветува на поддршката на процесот на финансиско вклучување на граѓаните. Ова беше истакнато на панел-дискусијата со наслов „Дијалог за плаќањата: Истражување на пејзажот за плаќање во е-трговијата“, во рамките на Конференцијата на тема „Редефинирање на е-трговијата со вештачка интелигенција“, на која претставник на НБРМ беше раководителката на Отсекот за политика и развој на платните системи во Дирекцијата за платни системи, Анита Хеѓкези.

На панел-дискусијата беше нагласено дека новите финтек-компании коишто се придобивка од спроведувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, ќе понудат иновативни дигитални решенија за иницирање на плаќањата за раст и развој на е-трговијата. Меѓу другото, ќе се поттикне развојот на картичното работење во земјата, што е значајно за потрошувачите и компаниите. Се очекува дека висината на заменските надоместоци, коишто се составен дел на трошоците што паѓаат на товар на трговците за прифаќањето на плаќањата со платежни картички, постепено ќе се намалува и започнувајќи од јануари 2025 година, ќе биде на исто ниво со висината на заменските надоместоци на земјите членки на ЕУ. Ова ќе придонесе кон позначително намалување на трошоците на трговците за прифаќање на плаќањата со платежни картички, соопштија од Банката.