НБРМ: Ниските показатели од првиот квартал создаваат ризици за проекцијата на БДП од 2,5 отсто за годинава

Во однос на конкретните економски показатели, по стагнацијата на економската активност во првото тримесечје, високофреквентните показатели за вториот квартал упатуваат на подобрување на состојбата на економијата, било констатирано меѓу другото на вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ), на којашто беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика

Ваквата констатација, како што информираат од Кабинетот на гувернерот на НБРМ, е поддржана од растот на индустриското производство, по неговото намалување во првото тримесечје, забавувањето на падот на градежната активност, како и забрзувањето на растот во трговијата.

Сепак, расположливите високофреквентни податоци за второто тримесечје се ограничени, така што тешко Комитетот смета дека тешко може да се формира прецизна оцена во поглед на динамиката на активноста во овој квартал.

Во однос на проектираната патека до крајот на годината, пониските остварувања во првото тримесечје создаваат надолни ризици за проекцијата на БДП од 2,5 отсто за цела 2017 година.

Минатата седмица, претставувајќи го предлогот за Ребаланс на Буџетот за 2017 година, премиеро Зоран Заев појазнуваше дека тој е правен и врз основа на проекциите за растот на економијата, односно бруто домашниот производ (БДП)

„Проекцијата на претходната влада била дека БДП-то за 2017 година ќе изнесува 3 отсто. Имајќи предвид дека во првиот квартал растот на БДП-то изнесуваше 0 отсто, нашите проекции се дека до крајот на годината ќе постигнеме раст од 2,2 отсто. Тоа е реална проекција, ако имаме предвид дека Светската банка ни предвидуваше 2,8, а Народната банка на Македонија 2,7 отсто“, рече Заев.