Според најновите макроекономски податоци НБРМ очекува растот на економијата годинава да биде 4,1 процент, а 4,5 во 2016 година, изјави денеска гувернерот Димитар Богов.
Општо земено последните остварувања укажуваат на задржување на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции со оцени за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платно-билансна позиција која обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво, рече Богов, презентирајќи ги најновите проекции на НБРМ што биле рагзледувани на денешната седница на Советот на НБРМ.
Советот оценил дека ризиците за остварување на ова макроекономско сценарио произлегуваат од меѓународното опкружување, пред се од евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот во ЕУ, како и од неизвесноста поврзана со домашните политички случувања, пренесува МИА.
Растот на економијата, според НБРМ, и оваа и во наредната година во најголем дел ќе се должи на релативно силниот позитивен придонес на инвестициите, извозот и во помал дел на растот на личната потрошувачка.
Народната банка предвидува надолна корекција на проекцијата за инфлацијата која очекува да биде 0,5 проценти.
Постепено нормализирање на инфлацијата на околу 2 процента НБРМ очекува во 2016 што е во рамки на октомвриската проекција на банката, движено од закрепнувањето на побарувачката и странската ефективна инфлација.
Народната банка очекува да продолжи солидниот кредитен раст, и во 2015 да достигне 9, а догодина 10 проценти.