НБРМ: Продолжувањето на кризата ќе го намали растот на економија

НБРМ: Продолжувањето на кризата ќе го намали растот на економија
НБРМ: Продолжувањето на кризата ќе го намали растот на економија
Продолжувањето на политичката криза до крајот на годината ќе го намали растот на македонската економија од предвидените 3,5 на 1,6 проценти. Ќе се намали и потрошувачката, како и инвестициите, ќе дојде до забавена кредитна активност, помал извоз и намалување на девизните резерви.

Ова е предвидено во алтернативното сценарио на Народната банка на Република Македонија подготвено на средината на минатиот месец откако ескалираа состојбите на домашната политичка сцена, кое денеска го изнесе гувернерот на НБРМ Димитар Богов на прес-конференција.

Тој појасни дека НБРМ до почетокот на април подготвила основно макроекономско сценарио според кое растот е предвиден на 3,5 проценти за годинава и 4 проценти за наредната година поткрепено од инвестициите и извозот и дополнително поткрепен од домашната потрошувачка, но поради случувањата во април НБРМ пристапила кон подготвување алтернативно сценарио, кое според гувернерот во овој момент е пореално.

– Како што стојат работите сега може да се покаже дека алтернативното сценарио е реално, рече Богов и додаде дека доколку дојде до смирување на состојбата пред крајот на годината остварувањата би биле некаде помеѓу основното и алтернативното сценарио.

– Ризиците се присутни околу двете сценарија. Надворешниот амбиент, кој е ист и кај двете сценарија, е неизвесен и неповолен. Домашните политички ризици се особено изразени и тоа повеќе во алтернативното сценарио кое укажува на последиците од политичката нестабилност врз економијата, истакна Богов кој додаде дека како одговор на влошените очекувања поради политичката состојба НБРМ изврши зголемување на основната каматна стапка од 3,25 проценти на 4 проценти, поради зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките.

Тој информира дека сега има пренесување на парите од банктие и штедилниците под  перница и оти во април се случил екстремен случај кој го немало претходно за нето откуп на девизи од физички лица.  Од вторникот, како што посочи, состојбата на менувачкиот пазар се смирува од она што беше претходно и очекуваат и натаму да се стабилизира.

Богов истакна дека зголемувањето на каматните стапки на благајничките записи сигурно ќе има ефекти врз каматните стапки во банките и дали ќе ги зголемат каматите на кредитите тоа ќе зависи од банка до банка.

Советот на НБРМ денеска донесе и нови дополнителни монетарни мерки – ја зголеми стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во домашна валута со валутна клаузула. Измените, како што појасни, се исклучиво заради натамошно задржување на ниската склоност на економските субјекти за пласирање на овој вид депозити во домашните деловни банки.

Покрај ова, НБРМ, заради одржување и зголемување на депозитите во домашниот банкарски систем, Советот ги преиспита и ги подобри условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во НБРМ. Од следната недела  банките ќе можат да пласираат девизни депозити во централната банка по повисоки каматни стапки од тековните негативни каматни стапки, кои преовладуваат на меѓународните финансиски пазари. Се очекува оваа мерка да придонесе за намалување на трошоците на домашните банки, што следствено би придонесло за повисоки каматни стапки за депозитите на нивните клиенти, домашните правни и физички лица.