НБРМ: Растот во 2014 година 3,8 отсто, банките со зајакната стабилност

Македонската економија во 2014 година оствари солидно забрзување од 3,8 отсто. Растот главно беше поттикнат од домашни двигатели пред се од инвестициите и тоа јавните и од извозот. Ова го констатира Советот на Народна банка на Република Македонија кој на денешната седница го усвои Годишниот извештај за 2014 година.

– Новите компании со странски капитал во технолошко-индустриските развојни зони доведоа до надминување на очекувањата во однос на зголемениот извоз и на намалениот трговски дефицит. Во 2014 година, значајни за одбележување беа и натамошниот постепен пад на стапката на невработеност, како и растот на продуктивноста на трудот, наведуваат во соопштението.

Во текот на 2014 година инфлацијата бележеи тренд на забавување и во просек се сведе на -0,3 проценти годишно, поради намалувањето на цените на горивата и храната. Истовремено, базичната инфлација, којашто ги исклучува енергијата и храната, во просек изнесуваше 0,5%.

Во текот на 2014 година девизниот пазар беше во рамнотежа, при релативно мал износ на интервенции на нето-основа. Нивото на девизните резерви и показателите за нивната адекватност во текот годината се одржуваа на солидно ниво, а основната каматна стапка остана непроменета.

Стабилноста на македонскиот банкарски систем во 2014 година, како што констатира, зајакна и во 2014 година во услови на речиси двоцифрен годишен раст на кредитите на нефинансиските лица.

Засилена кредитна активност е особено евидентна во сегментот на корпоративните клиенти, каде што годишниот кредитен раст од 8,6 отсто е повисок за 50 проценти во споредба со растот забележан во 2013 година. Кредитниот раст за домаќинствата забрзува веќе две последователни години. Депозитите на нефинансиските лица забележаа двоцифрена стапка на раст од 10,7 проценти. Денаризацијата на билансите на банките продолжи и беше посилно изразена на страната на пасивата.

Во 2014 продолжи растот на нето каматната маргина, главно поради поизразеното опаѓање на пасивните, во споредба со активните каматни стапки. Намалувањето на оперативните трошоци на банките упатува на поголема трошочна ефикасност. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити достигна 11,3 отсто. Ликвидносната позиција на банките е еден од основните столбови на севкупната стабилност на банкарскиот систем, додека солвентната позиција и двојно повисоката стапка на адекватност на капиталот во споредба со пропишаниот минимум се во темелот на отпорноста на банкарскиот систем во Република Македонија.

Главниот предизвик, според НБРМ,  за банките во наредниот период се однесува на одржувањето оптимална кредитна поддршка за нефинансискиот сектор и  истовремено намалување на оштетувањата на кредитниот канал, што би имало повратни ефекти врз профитабилноста, капиталната стабилност и ликвидноста на банките.

На денешната седница беше донесена и нова Одлука за кредитот во крајна инстанца. Соодветно на искуствата на централните банки од евро-зоната, во новата одлука, покрај постојните можности за одобрување кредит во крајна инстанца на банките со залог на должнички хартии од вредност, девизи и побарувања на банките од Народната банка, се воведува можноста за одобрување на овој кредит и со залог на побарувањата на банките од клиенти. Се предвидува овој модалитет на кредитот во крајна инстанца да се активира доколку банката не располага со должнички хартии од вредност и девизи. Во Одлуката се прецизираат и видовите побарувања, кои се прифатливи за Народната банка, како обезбедување за кредитот во крајна инстанца.

Советот на Народната банка на Република Македонија, постапувајќи по Информацијата за идејното решение на новите книжни пари од 200 и 2000 денари која беше прифатена на седницата од 14 ноември 2014 година, на денешната седница донесе Одлука за издавање и основни белези на книжните пари во апоен од 200 и 2000 денари. Со донесувањето на оваа одлука, продолжуваат активностите неопходни за печатењето и пуштањето во оптек на новите банкноти.