НБРМ во мај ќе ги коригира проекциите за раст и за инфлација

Со следниот циклус проекции на Народната банка, што ќе биде објавен во мај, ќе дојде до корекции за очекувањата за растот и за инфлацијата во нашата економија.

Како што информираат од НБРМ, по справувањето со последиците за економијата од корона-кризата, светот се соочува со нови предизвици што доаѓаат како резултат на нарушувањето на синџирите на снабдување и ескалирањето на геополитичките тензии, што предизвикуваат зголемување на цените, особено на енергијата и храната. Согласно со ова, се намалија очекувањата за раст на глобалната економија, но сѐ уште се очекува позитивен економски резултат.

Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Марк Боуман, учесник на Осмата истражувачка конференција на Народната банка.

Таа, исто така, рече дека монетарната политика и натаму ќе биде насочена кон спроведувањето на ценовната стабилност и одржувањето на макроекономската стабилност на земјава.

„Водењето политика на стабилност е од особено значење во време кога речиси сите економии во светот се соочуваат со енергетска криза и ценовни притисоци, коишто сѐ уште траат заради војната во Украина“, рече таа.

На состанокот учествуваа и генералниот директор на финансиските институции на ЕБОР, Франсис Малиж, исто така учесник на Конференцијата, и директорот на ЕБОР надлежен за Македонија, Анди Аранитаси.

„Проекциите за инфлацијата во глобални рамки се зголемија и се на највисоко ниво во последната декада, при што меѓународните финансиски институции проектираат постепено намалување на инфлацијата на почетокот на следната година“, се вели во соопштението на НБРМ, и се додава дека, во иднина ќе се решаваат тековните предизвици, но и заложбите за зелена транзиција, кои проекти се од особено значење за растот и одржливоста на домашните извори на енергија.