Трговскиот дефицит, во последниот квартал на 2013-та година, во услови на раст на извозот и пад на увозот на стоки, бележи намалување за 15,6 отсто на годишна основа, стои во најновите макроекономски показатели за февруари на Народната банка.
Во последното тримесечје од минатата година, како што наведува НБРМ, извозот на стоки забележа годишен раст од 6,5 отсто, што во најголем дел произлегува од извозната активност на новите капацитети ориентирани кон извоз и повисок извоз на опрема и машини.
Увозот на стоки, во пресметковниот период, забележи годишен пад од 2,6 отсто, што во најголем дел се должи на високиот пад кај увозот на енергија и тоа 27,8 отсто. За падот на годишниот увоз свое влијание имаше и увозот на железо, челик, возила и храна.
Поради тоа се заклучува дека значително подобрите извозни остварувања во последниот квартал, при малку повисок увоз од проектираниот доведоа до понизок трговски дефицит во однос на проектираниот за последното тримесечје од минатата година.
Во декември минатата година е забележано влошување на ценовната конкурентност на домашната економија на годишна основа, стои во показателите на НБРМ.
Во периодот октомври- ноември минатата година, тековната сметка на билансот на плаќања забележа дефицит од 42,1 милиони евра или 0,5 отсто од вредноста на бруто домашниот производ, што е значително пониско во однос на октомвриската проекција најмногу поради подобрите резултати кај трговското салдо, но и поради остварениот суфицит кај условите.
Во капиталната и финансиската сметка на билансот на плаќања, во октомври и ноември, се остварени нето приливи од 15 милиони евра или 0,2 отсто од вредноста на бруто домашниот производ и се значително пониски од од нето- приливите за последниот квартал од 2013-та година проектирани во октомвриската проеција.