Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење заради пандемијата придонесе за импозантен годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 122,6 проценти, како и на кредитните трансфери извршени по електронски пат од 32,2 проценти, во текот на првото полугодие од 2020 година, велат од Народна банка по обработување на податоците од платежната статистика за вториот квартал од 2020 година.
„Во услови на пандемија, плаќањето со платежните картички во трговијата во земјата забележа годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 7,4 проценти и 17,6 проценти, соодветно. Притоа, евидентен е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во вториот квартал од оваа година изнесуваше 169,6 проценти и е петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатaта година (32 проценти). Во однос на користењето на платежните картички на физички места на продажба во вториот квартал од 2020 година беше остварен годишен раст од 4,9 проценти, кој е значително понизок од годишниот раст во истиот квартал од минатата година (19,1 проценти),“ се вели во соопштението.
Пандемијата со корона кризата пак, имала негативно влијание кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери, кои забележале годишен пад од 13,3 проценти во однос на бројот и 17,4 проценти во однос на вредноста на трансакциите.
Сепак, од започнувањето на корона-кризата па наваму, физичките лица сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери извршени од страна на граѓаните во вториот квартал се зголемил за значителни 42,2 проценти на годишна основа, што е двојно повеќе споредено со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (20,9 проценти). Граѓаните ги извршувале плаќањата најчесто преку компјутер. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во вториот квартал од 2020 година се забележува висок годишен раст од 32,9 проценти, кој е скоро двојно повисок од годишниот раст во вториот квартал од минатaта година, кој изнесуваше 14,7 проценти,“ се додава во соопштението.
Според анализата на Народна банка, во вториот квартал од годинава продолжил трендот на зголемена употреба на мобилните телефони за извршување плаќања во земјата.
„Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал за значителни 75,1 проценти на годишна основа. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин исто така е повисок од годишниот раст остварен во вториот квартал од минатата година, кој изнесуваше 49,1 проценти. Од друга страна, условите кои што ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните во однос на извршувањето кредитни трансфери на хартија, при што бројот на кредитните трансфери извршени на овој начин забележа голем годишен пад од 24,6 проценти во вториот квартал оваа година, наспроти годишниот раст од 4,1 проценти во истиот квартал во минатата година,“ се додава во соопштението.