NCAA им забрани на трансродовите жени натпреварување во женскиот спорт

Националното универзитетско атлетско здружение (NCAA), управното тело за убиверзитетскиот спорт во САД, им забрани на трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спорт, ден по извршната наредба на Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се забранува трансродовите жени да се натпреваруваат во женски спортови. Регулативата содржи упатства, прописи и правни толкувања.

По извршната наредба на Трамп, NCAA ја промени својата политика за учество на трансродовите лица.

Новата политика им дозволува само на студентките спортистки кои се родени како жени да учествуваат во женските спортски натпревари. Спортистите кои се подложени на хормонска терапија, како тестостерон, исто така, не смеат да се натпреваруваат во женските спортови. Трансродовите мажи сепак ќе имаат право да се натпреваруваат во машки спортови сѐ додека ги исполнуваат сите други услови за подобност, се наведува во политиката.

NCAA претходно под администрацијата на демократите на поанешниот претседател Џо Бајден им дозволуваше на трансродовите жени да се натпреваруваат сѐ додека ги исполнуваат границите на тестостерон во зависност од спортот.

Елиминирањето на трансродовите жени од женскиот спорт беше едно од предизборните ветувања на Трамп.

Организациите за правата на ЛГБТК ја осудија извршната наредба на Трамп наводно како „неуставна и заснована на погрешни претстави и искривувања за трансродовите лица“.

Администрацијата на Трамп е насочена кон правата на трансродовите откако ја презеде функцијата на 20-ти јануари. Трамп издаде извршен указ чија цел е негирање на легитимноста на трансродовите идентитети наложувајќи им владините службеници да зборуваат само за „пол“ наместо за воведениот од претходната администрација термин „род“ и прогласувајќи го полот за „непроменлива биолошка реалност“ што исклучува каква и да е промена на „родовиот идентитет“.