Народно движење за Македонија бара од Владата и Министерството за труд и социјална политика да ја преиспитаат „Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија во периодот 2017-2027 година“ со која, за мигрантите и бегалците се предвидува олеснет пристап за стекнување на македонско државјанство.
„За НДМ нема дилема. Овој документ во делот за државјанството е проект на антимакедонска основа, бидејќи, Македонија станува единствената земја во која мигрантите и бегалците полесно ќе стекнуваат државјанство од самите Македонци“, се наведува во писмената изјава.
Според Движењето, Македонците во однос на мигрантите и бегалците се третираат како граѓани од втор ред во поглед на можноста за добивање македонско државјанство.
Од НДМ потсетуваат дека Законот за државјанство на Република Македонија од 1992 година во членот 11 став 1 пропишуваше сите Македонци по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија да можат да се стекнат со македонско државјанство без да исполнуваат никакви дополнителни услови.
Меѓутоа, со измените на Законот за државјанство од 2004 година во времето на владата на СДСМ, беше укинат споменатиот членот 11 став 1, и оттогаш и за Македонците кои живеат надвор од границите на Република Македонија не важи олеснетиот пристап до македонско државјанство.
„Оттаму, доколку Владата дозволи олеснет пристап до македонско државјанство за мигрантите и бегалците во услови кога за сите Македонци по потекло не важи олеснетиот пристап до државјанство, Македонија дефинитивно ќе послужи за потсмев на меѓународната сцена, а настрана опасноста по темелот на нацијата и државата“, заклучуваат од НДМ.