Нејасен ефект од ЕУ фондот за закрепнување од 700 милијарди евра, според ревизорите

eu fondovi pari

 

Ефектот од фондот за закрепнување на ковид-19 на Европската унија, вреден околу 700 милијарди евра, не може соодветно да се измери, предупреди Европскиот ревизорски суд (ECA) во својот извештај во вторник.

Станува збор за Механизмот за закрепнување и отпорност (RRF), во чии рамки се достапни 724 милијарди евра.

„Европскиот фонд за закрепнување им понуди на земјите-членки повеќе пари од кога и да е досега, но граѓаните мора да знаат дали нивните главни цели се постигнуваат и како се трошат овие пари“, наведува главната авторка на извештајот, Ивана Малетиќ.

„Се наоѓаме во парадоксална ситуација кога најголемиот фонд на ЕУ наводно се заснова на остварувањата, но ние можеме само да го мериме напредокот, но не и самиот учинок“, додава Малетиќ.

Фондот, кој стави на располагање 338 милијарди евра во грантови и 385 милијарди евра во заеми, треба да се искористи за финансирање инвестиции и спроведување на реформи во членките на ЕУ, со цел економиите да бидат поодржливи и поотпорни по пандемијата. Земјите-членки мора да поднесат детални планови до Европската комисија за тоа како ќе се спроведуваат реформите и иницијативите и како ќе се вршат плаќањата откако ќе се постигнат „целите“ или „значајните проекти“.

И додека извештајот потврдува дека вака може да се мери напредокот во реформите, ревизорите предупредуваат дека недостига пошироката слика, односно дека не може соодветно да се измери влијанието и ефективноста на реализираните проекти. Како пример, судот наведува дека не се следи намалувањето на емисиите на CO2 или заштедата на енергија како резултат на финансираните реформи.

Тоа значи, објаснуваат од ECA, дека ефективноста на фондот во однос на неговата цел – позелена и поотпорна економија на ЕУ – не се следи задоволително.

Како одговор на извештајот, Комисијата посочува дека критиките на ECA „одат предалеку, надвор од регулативите“ на Унијата.