Секој претседател е под заклетва која ја дава, кога го прима својот мандат и се колне на Уставот. Сум се заколнал и сум дал свечена изјава дека ќе го почитувам Уставот на Република Македонија. Не можам да прифатам акт кој е спротивен на Уставот и законите на Република Македонија и кој е спротивен на консензусот изграден од државниот врв, порача претседателот Ѓорге Иванов од Софија на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Румен Радев, одговарајќи на новинарско прашање.
Иванов, кој престојува во официјална посета на Република Бугарија, истакна дека договорот со Република Грција е личен акт и лична одлука на премиерот кој не ги зел предвид сите последици од таков штетен договор.
-Затоа вчера во мојата изјава кажав дека ова е личен акт и лична одлука на еден премиер кој не ги земал предвид сите последици од таков штетен договор, кој не затвора туку отвара многу прашања и создава голема неизвесност и несигурност и за Македoнија и за регинот, рече македонскиот претседател.
Во однос на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, Иванов потенцираше дека на таа средба за прв пат му бил донесен документот за кој во изминатиот период ниту бил запознаен ниту вклучен.
-Кога го добив документот, јас немав што да разговарам на таа средба и затоа средбата кратко траеше. Јас не сум бил вклучен во донесувањето на тој документ и зошто да бидам јас тој кој ќе го легализира документот. Како го создале и го донеле без мое учество така и нека си го завршат без мое учество. Тоа е принципиелен став затоа што согласно Уставот и законите на Република Македонија, Претседателот на Републиката е надлежен за склучување на меѓународни договори. Претседателот бил исклучен од целиот процес и изготвување на таков документ, зашто сега да легализира туѓа активност и постапка за која е прекршено она што е создадено како еден вид на консензус на државниот врв, а тоа е нема промена на Уставот и нема прифаќање на ерга омнес. Таа е нивна одлука и нивна е одговорноста, рече тој.
Нагласи дека се знае кој е тој кој сиве овие години ја попречува и влијае на стабилноста на регионот и на Македонија.
-Не прифаќам квалификација дека јас сум ја попречувал стабилност на регионот. Се знае кој е тој што сиве овие години ја доведува состојбата во Македонија да биде ваква. Се знае кој ја блокира Македонија и влијае на нејзината иднина. Се знае кој го попречува правото на просперитет на еден народ, рече Иванов, додавајќи дека е недозволиво во остварувањето на стратешките цели и определби членството во ЕУ и во НАТО да бидат алиби за штетни и за поразителни договори кои ќе ги склучува Република Македонија.