Во случај на огромна природна катастрофа се проценува дека загубите во Македонија може да достигнат до 40 отсто од БДП. На пример, ако голем земјотрес го погоди регионот а се појавува еднаш во 500 години, може да предизвика економски штети во Македонија кои можат да достигнат околу три милијарди евра, од кои само домаќинствата би претрпеле штета од над една милијарда евра. Повеќе од 40 отсто од територијата на Македонија е ранлива на екстремни суши кои се повторуваат на секои три до четири години и предизвикуваат штети на повеќе земјоделски култури.
Од овие причини Обединетите нации, Светска банка и останатите Глобални институции го сменија моделот на своето дејствување кој порано беше насочен кон справување со последиците од природните катастрофи. Во последните години овие институции ги насочија своите ресурси кон креирање на системи за осигурување и реосигурување од ризиците што ги носат елементарните непогоди.
Досегашното искуство покажа дека една од најсоодветните форми на финансирање (преку осигурување) на ризиците од природните катастрофи е моделот на јавно-приватно партнерство. Овој модел овозможува целосна и долгорочна посветеност на државите и јавните институции, но и на приватните осигурителни компании во развивањето на производи кои ќе обезбедат финансиска заштита од природни катастрофи на населението и економските субјекти.
Во основата на новиот систем за осигурување од природни катастрофи во регионот на ЈИ Европа е компанијата Европа Ре. Главни акционери на компанијата се Владите на Македонија, Србија и Албанија. Седиштето на компанијата е во Швајцарија, а формирана и поддржана од Светска банка, Швајцарска организација за економска соработка, Глобално партнерство за заштита на животната средина, Европската унија и Обединетите нации.