Не е планиран ПЦР тест за учениците трипати неделно

Нема план и препорака засега за ПЦР-тестирање на учениците од 1 септември кога ќе се отворат училиштата, како што прават некои земји во Европа кои ги тестираат  бесплатно трипати во неделата.

– Засега нема план и препорака за тестирање на децата. Прибираме искуства од некои европски земји и ќе анализираме оваа недела. Секако, сè што може да значи дополнителна заштита на здравјето, ние ќе го воведеме. Меѓутоа, мора да бидеме сигурни дека сето тоа што ќе го донесеме навистина ќе биде ефективно односно ќе даде некаков резултат и од тоа да се извлечеме некоја поука – рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата на која беше промовирана кампањата „Вакцинирај се!“

Тој додаде дека се донесени  антиковид-протоколите кои се утврдени од МОН и Комисијата за заштита од заразни болести за реализација на наставата со физичко присуство и соопшти дека околу 65отсто од сите вработени во училиштата се вакцинирани, а сличен е процентот и на вакцинирани негувателки и воспитувачки во градинките.

-Во континуитет трае комуникацијата и повиците од МОН и од МТСП до вработените преку директорите на школите и градинките тој опфат дополнително да се зголеми – рече тој.

Зравствените работници кои работеа со ковид-пациенти рече се 100 отсто имунизирани, а околу 75 отсто од вкупниот број вработени во здравството.